Во текот на кариерата Тајсон Фјури имаше 34 натпревари, а само еден заврши нерешено. Во декември 2018 година мечот за ВБЦ појасот против Дионтеј Вајлдер заврши нерешено.
Но, во реваншот во февруари 2020 година Џипси Кинг го победи Бронзениот бомбардер со прекин во седмата рунда и ја освои титулата.
Година ипол подоцна Фјури повторно беше подобар од Вајлдер во трилогијата, а ВБЦ појасот го одбрани со нокаут во 11. рунда.
Во едно неодамнешно интервју, Фјури истакна дека професионалното борење е многу потешка боречка вештина од боксот.
„Претешко ми е борењето“, рече Тајсон Фјури и продолжи:
„Физички е многу заморно за телото, удирањето на подот и сите тие акробации. Претпочитам да се вртам наоколу во рингот и да избегнувам удари. Боксот е многу полесна вештина од ВВЕ“.
Во ноември 2019 година, Фјури се појави за прв и единствен пат во боречки меч на шоуто Карун џевел во Саудиска Арабија и го победи Браун Строуман. Во последниве години Кралот на Ромите се занимава и со снимање видеа за настани на ВВЕ.
„Со бокс се занимавам 15 години, што е долго време. Знам дека нема да трае вечно. А вистина е, имав неколку добри шоуа во ВВЕ. Има уште многу можности“, рече Тајсон Фјури и подвлече:
„Професионалното борење беше неверојатно искуство за мене. Моментално сум многу вклучен во боксот и се уште сум активен. Јас сум на врвот во тешка категорија и сакам да ја задржам таа позиција уште некое време. А после тоа ќе видиме. Можеби ќе се обидам повторно со ВВЕ“.
На 28 октомври, британскиот борец ќе боксира против поранешниот шампион на УФЦ во тешка категорија Френсис Нгану. Тој го искористи моментот да ги замолчи критичарите кои борбата против Камерунецот ја нарекуваат фарса.
„Само се љубоморни што добивам полна торба со пари, а тие не. А тоа е голема торба, тешко дека ќе можам да ја носам“, истакна Тајсон Фјури и заклучи:
„Дали е добро или лошо за боксот? Овците нека коментираат, затоа што тоа не му значи ништо на кралот на џунглата“.