Бодовната судијка Адалаид Берд, чие име се провлекува во медиумите последните три дена по контроверзното бодување на мечот меѓу Головкин и Алварез, оди на принуден одмор. Тоа беше потврдено од страна на извршниот директор на Спортската комисија на Невада, Боб Бенет, кој воедно беше задолжен за надгледување на судењето во двобојот Канело – ГГГ.
Во изјавата што ја даде за угледниот Лос Анџелес тајмс, Бенет призна дека судијата, која бодуваше 118-110 за Алварез, дека сепак и треба од „малку пауза од оваа работа“.
„Нема веднаш да ја вратам во акцијата. И понатаму ќе биде во оваа работа, но верувам дека малку и треба воздух во овој момент“, рече Бенет, практично признавајќи дека Комисијата попуштила под притисокот на јавноста.
Бенет во продолжение на изјавата призна и дека нејзиното бодување било лошо.
„Како и во секоја професија, некогаш едноставно имате лоша ноќ. За жал, таа не ја одработи добро работата. Можам да ви кажам дека се работи за личност која кај нас обучува други за оваа работа, таа е таа која ги надгледува другите судии. Но ова што го досуди беше претерано“, признава Бенет.
Извршниот директор на Комисијата ќе се сретне со Бирд за подобро да разбере што видела во дуелот и зошто секоај поединечна рунда ја бодувала како што го бодувала. Потоа ќе одлучи колку ќе треба да земе принуден одмор пред да се врати во акција и судење.