Стручните квалитети на Велимир Тричковски во Париз ги користи кинескиот олимписки тим

Велимир Тричковски е уште еден Македонец кој учествува на Олимписките игри во Париз со своите стручни квалитети. За жал, не за македонскиот олмписки тим, туку за кинескиот олимписки тим.

Тричковски со стручните квалитети и искуство е препорака за секој национален тим.

За кои спотови е задолжен Тичковски во Кинескиот олимписки комитет?  

– Јас работам во Кинескиот олимписки комитет во олимпискиот вејтлифтинг (олимписко кревање товар) тим. Работам како физиотерапевт и рехабилитационен и кондициски тренер. Задолжен сум за машкиот дел од олимпијците – за превенција, третман на повреди, корекција на одредени биомеханички движења кои би можеле да придонесат до повреда или, пак, со нивна корекција да се обезбеди поголем напредок на тренажните процеси. Во секојдневна соработка се прави дневен, неделен, месечен или циклусен план пред секое натпреварување, како би се елиминирале проблемите кои што биле утврдени по анализа на тренинзите или натпреварите и би можело да се стреми кон повисок резултат. По потреба имам и соработка со Кинеската атлетска федерација поточно со огранокот за скокачките дисциплини (скок во далечина, трискок, скок во височина и скок со стап) со нив соработката е исклучиво по потреба, заради повреда од настанокот на повредата до целосно враќање на 100% функционалност на тренинг.

Како се случи да бидете дел од тимот што ги подготвува кинеските репрезентативци? Која е Вашата должност?

-Во кина сум од јануари 2023 од моментот кога се отворија границите за влез во Кина кои претходно беа затворени поради Ковид-мерките. Контактот дојде преку мрежата Линкедин, каде што ми пишаа од Олимпискиот комитет дали сум слободен за соработка и дали би сакал да аплицирам за позицијата. Знаејќи дека вејтлифтинг како спорт е еден од 3-те кинески спортови на гордоста и фактот дека кинескиот вејтлифтинг е далеку на врвот во светски рамки, без размислување аплицирав. Процесот на регрутација и преговори не траеше повеќе од 10 дена, по што чекавме само да се отворат границите за да можам да пристигнам тука.

Во 2019 година бев во Кина еден месец на семинар и едукации по традиционална кинеска медицина. Тоа доаѓање всушност ми ги отвори погледите каква е Кина. Всушност, заради тоа не ја одбив понудата то ест не ни размислував воопшто дали би прифатил.

Колкумина Македонци учествуваа во подготовките на кинескиот олмписки тим?

-После една година работа тука веќе стекнав огромна почит и доверба од страна на спортистите тренерите и менаџерскиот тим а доказ за тоа е и нивното барање да препорачам уште двајца колеги кои би дошле тука да работат со останати спортови, поточно во моментот имаа потреба од физиотерапевти во борење. Знаејќи го квалитетот на нашите спортски терапевти веднаш им кажав дека за неколку дена ќе им понудам двајца, од кои што сигурно ќе бидат задоволни. За да не избрзам или заборавам некој, во истиот момент се слушнав со Сашо Пецев, наш македонски кондициски тренер кој неколку години работи во спортскиот институт во Шангај и по негова сугестија остваривме контакт со Никола Трајковски, кој, како и јас, веднаш прифати и рече доаѓам. Така да тимот од Македонци полека се шири во кинеските спортови на моја исклучителна радост.

На кој принцип работат Кинезите?

-Вејттлифтингот во Кина е традиција, историја, престиж и исклучителна гордост. Поради очекувањата секогаш да бидат на врвот начинот на работа тука е исклучително професионален без можност за најмала отстапка од највисоките норми. А за да се исполни тоа потребно е секојдневно не само ангазирање туку и адаптација на секоја новонастаната состојба што треба да се санира во истиот момент. Значи подготвеноста за работа тука треба да биде на ниво не само да знаеш и да умееш туку тоа сто треба да се одработи понекогаш треба да го преадаптира во истиот момент без време за размислување а резултатот мора да биде беспрекорен. Поради таа причина и доста врвни физиотерапевт или тренери не се снаоѓаат баш најдобро тука само поради фактот дека немаш време да смислиш, размислиш, направиш стратегија, туку знаењето треба да ти биде толку на високо ниво да можеш да се адаптираш во истиот момент за совет или вежба а тоа да биде максимално ефективно во ситуацијата. Адаптацијата тука е клучна. Време за пауза и мирување тука не постои зборувам лично за мојот олимписки тим.

До кога ќе трае соработката со Кинезите?

-Договорот за овој циклус ми завршува со самото затворање на Олимписките игри, по што следува тимска пауза од една година се до Националните кинески игри (кинеска олимпијада) после која што ќе се формира наредниот олимписки состав. Наредниот договор ќе ми биде за наредниот тригодишен циклус за олимпијадата во Лос Анџелес 2028. Тука треба да стартуваме со подготовки во Септември 2025 за олимписките игри во 2028. Во овој момент го одработуваме последниот дел од тренажниот процес за Париз каде што патуваме на 6 август. Нашите натпреварувачи во Париз ќе настапат 7-11 август. Во Париз ќе настапиме во 3 женски и 3 машки категории, како единствена селекција која ги има обезбедено максималните 6 места кои се ограничени за секоја држава. Организацијата и подготовките за патот во Париз траат веќе повеќе од еден месец каде што до најситен детал е целосно испланирано. Секој има точно задолжение поврзано само со еден спортист и нема отстапка од тоа. Патуваме 6 спортисти 4 главни тренери, 4 помошници тренери, 2 доктори, психолог, нутриционист, 4 кинески физиотерапевти и јас како странец. Мојата примарна и единствена обврска ќе биде физичката здравствена состојба на натпреварувачот Лиу Хуанхуа кој се натпреварува во категорија до 102 кг на 10 Август. Така сто другите натпревари од олимписките игри ќе ги изгледаме на ТВ хахаха.

Каква е Вашата стручна наобразба?

-Од образование имам средно медицинско за физиотерапевт, дипломец сум на Факултетот за физичко образование спорт и здравје – дипломиран професор по физичко образование спорт и здравје, а исто така како втор факултет имам завршено Медицински факултет насока за дипломирани физиотерапевти – со звање дипломиран физиотерапевт. Од 2002 по завршеток на средно образование работам како физиотерапевт, значи тоцно 22 години. Работев во Ракометен клуб Вардар од 2004 до 2015 година. Во истиот период работев и во ракометна репрезентација, машка, женска, младинска. Потоа работев на Клиниката за инфективни болести во Скопје (инфективна клиника) се до моето доаѓање тука. Чекав да помине кај нас ковидот па да напуштам хахахаха, бидејќи бев единствен физиотерапевт на инфективна за цело времетраење на пандемијата. Сертификати и обуки еден куп не би ги набројувал тука.

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО

IPON