Освојувачот на златниот медал на Кроација нејшнал про џиу џицу чемпионшип во Загреб во конкуренција на сини појаси, Сетфан Пецевски, вели дека турнирот бил одлично организиран од страна на Светската федерација за БЏЏ предводена од Обединетите Арапски Емирати, а конкуренцијата била многу силна, бидејќи учествувале 25 земји од цела Европа.
„Во четвртфиналето се борев со Марк Тот (Унгарија) и го победив со зафат (триаголник) Во полуфиналнето се сретнав со Дамир Галовиќ (Хрватска) и доминирав во текот на целата борба и победив на поени. Во финалната борба за златото го победив Марк Круз (Австрија) за неполна минута со зафат на гушење“, објаснува Пецевски како дошол до најсјаниот медал на ова силно натпреварување.
Тој вели дека сите борби имале своја тежина, затоа морал да се адаптира на секој предизвик што го нудел противникот.
„Сепак тоа се борци со големо искуство и борби позади нив. Од психолошки аспект, како најтешка би ја издвоил првата борба, поради зголемената доза на трема. Лошо е чувството да ја загубиш првата борба и да си одиш дома без пласман“, констатира Пецевски.
Според него, во финалето од пресудно значење се добриот тајминг, техниката и особено физичката подготовка.
„Поради напорните тренинзи за мојата четврта ММА борба на 8 октомври, кондиционо бев на повисоко ниво од другите борци во мојата категорија. За тоа е заслужен тренерот Ивица Алексовски, како и сите спаринг партнери од „Д’ Стронгест и рутс БЏЏ“, вели Пецевски.
Клубот на Пецевски официјално беше шестти, бидејќи Наде Василевска освои бронзен медал, што беше полн погодк со клубот.
Ipon.mk/В.Д.