Таековнодо клубот Гоце Делчев и тренерот Стефан Костовски разбиваат стереотипи и докажуваат дека и во малите места може да работи клуб и да прави меѓународни успеси. Иако ТКД Гоце Делчев од Љубанци-Скопје, постои само три години, веќе има и забележителни меѓународни успеси.
На штотуку завршеното Балканско првенство во Дупница, Бугарија, натпреварувачите од Гоце Делчев освоија два бронзени медала.
Во клубот вежбаат околу 25 деца од сите возрасти, почнувајќи од најмалото што има само 5 години.
Какви се успесите на клубот за овие три години?
-Во текот на изминатите три години учествуваме на многу домашни и меѓународни натпревари на кои освоивме над 100 медали во сите конкуренции. На еден домашен натпревар освоивме и пехар за најдобар борец. Исто така, минатата година на Балканското во Србија освоивме само еден бронзен медал во јуниорска конкуренција за мажи. На Балканското во Дупница, Бугарија, минатиот викенд освоивме две бронзи и тоа во женска конкуренција, еден во јуниорска , а другиот во кадетска конкуренција.
Сара Раевска во категоријата до – 55 кг во јуниорска конкуренција е носител на едниот медал, победувајќи ги натпреварувачките од Босна и Херцеговина и Романија. За жал, во полуфиналето не успеа да извојува победа против Србинката. Во кадетска конкуренција бронзен медал освои Јована Јанковска (– 44 кг) со победи против противнички од Србија и БиХ , а во полуфиналето за малку ни избега победата против Турчинката. И двете девојки се натпреваруваа во А-класа фулконтакт борба според олимписките стандарди на таеквондо.
Кој беше мотивот да се отвори клуб во Љубанци, бидејќи, по обичај, сите сакаат да имаат клубови во град?
-Поради големиот број на силни и желни деца кои потекнуваат од тој дел, желбата ми беше да бидам поблиску до нив, бидејќи моето потекло е исто блиску до таму. И, знаев дека ќе има вредни деца кои бараат некој вид на боречка вештина за да тренираат, па сакав да им го олеснам изборот со таеквондото.
Како беше прифатен клубот, однонсо овој спорт во Љубанци, ако се има во предвид дека фудбалот, кошарката, ракометот се многу популарни спортови?
-Љубанци е место со голема традиција во спортот, најмногу во фудбалот, кој што го има и истоимениот фудбалски клуб во Втората македонска лига, кој се надеваме дека брзо ќе влезе во Првата лига на Македонија. Исто така има и голема заинтересираност и за ракометот, но поради недостаток на место за тренирање, најблиску за тренинг е Радишани. Таеквондото беше добро прифатено од родителите на децата, бидејќи имаат познавање на каратето кое имало добар број на посетеност, а веќе не е во функција.
Која е главната одлика на вашите ученици и натпреварувачи?
-Главната одлика на секој наш член од нашиот клуб е големата желба за успех и пожртвуваност, како и здравјето, топ физичката форма, и секако, дисциплина која еден ден ден ќе и донесе и црн појас. Одреден дел од нив се и натпреварувачи кои се дел и од македонската таеквондо репрезентација.
Имате ли некој натпреварувач што се издвојува од другите?
-Таеквондото е индивидуален категориски спорт во кој секој кој се натпреварува мора да биде дисциплиниран за да ја одржува на ниво својата категорија. Секој на свој начин придонесува за клубот да биде на местото каде што е денес.
Што може да очекуваме во наредниот период од Вашите натпреварувачи?
-Неодамна учествувавме со еден натпреварувач на Европското кадетското првенство во Букурешт, Романија, каде што се натпреварувавме со врвните европски земји, од кои Русија, Велика Британија, Шпанија се светски сили со огромен успех на светско и олимписко таеквондо во последниве 10 години.
Следниот предизвик ни е во Белград на Г-1 турнирот „Галеб трофеј“ кој е најголем и најдобар турнир во овој регион од Европа со над 1.500 натпреварувачи секоја година.
Што ќе им порачате на колегите тренери?
-Голема желба за тренинг и посветеност на децата кои се борат за себе и за Македонија, бидејќи тие се иднината на таеквондото кај нас.
Ipon.mk/В.Д.