Македонските таеквондисти се сензација на еден од најсилните турнири во светот 6. Президент куп 2021 во Истамбул, Турција, со освојувањето на два медала – сребрен на Филип Додевски и бронзен на Анамарија Георгиевска.
Филип Додевски (-87 кг) до сребрениот медал стигна со три победи против Ахмет Кескин и Таха Бицер од Турција (актуелен европски шампион до 21 година) и Рафаел Камалов од Русија (втор на светската ранг листа во оваа категорија).
Додевски во финалето е поразен од Роберто Бота од Италија (актуелен бронзен медалист од Европско првенство).
Анамарија Георгиевска (-67 кг) со победите над Аисе Кирачаоглу од Турција и Андреа Мокаму од Романија го освои бронзениот медал. Во полуфиналето беше поразена од Атанасија Мицополу од Грција.
„Одлични борби имаа Филип Стаменов и Марко Аврамовски, Дејан Георгиевски не настапи на првиот турнир поради поситни повреди“, велат од МТФ.