Агенцијата за млади и спорт-(АМС) заедно со Министерството за правда-(МП) го подготви новото предлог-законско решение со кои ќе се уреди новиот начин на реализација на спортскот ваучер. Ова значи дека ќе се менува законот кој беше донесен пред пет години кога се воведе спортски ваучер со цел да се стави крај на „беспарицата“ во спортските клубови и федерациите коишто не можат самостојно да функционираат, да побараат помош од спонзори. Сега наместо преку сметка на фирмата, парите од ваучерот клубовите и индивидуалните спортисти ќе ги добиваат директно преку Генералниот секретаријат на Владата.
Поранешниот ракометар а сегашен директор на Агенција за млади и спорт го презентира новиот предлог-закон кој е планиран да биде изгласан во собранието во февруари.
„АМС заедно со Министерството за правда (МП) веќе го подготви новото предлог-законско решение со кои ќе се уреди новиот начин на реализација на спортскот ваучер. Очекуваме законот набрзо да помине во МП, па да влезе во собраниска процедура и да биде изгласано од пратениците најдоцна до февруари следната година. Критериумите ќе бидат малку позатегнати и парите ќе одат директно на клубовите и федерациите, но јасно е дека повторно ќе има помош како и досега за сите клубови и федерации. Со оваа мерка, поддршката во спортот ќе продолжи, а ваучер-системот ќе се унапреди и сите кои имаа потешкотии од било кои причини при реализација на спортскиот ваучер, тој проблем веќе ќе го немаат. Злоупотребите од нечесните компании кои бараа услуги за реализација на спортскиот ваучер, ќе престанат и сите средства ќе се користат за унапредување на спортот и за потребите на спортистите. Ваучерите ќе се реализираат на двапати во годината, дел во март и остатокот во јуни“, изјави Мојсоски.
Најголемиот проблем досега преставувале посредниците за реализирањето на ваучерот. Врската помеѓу клубот и фирмата, своето посредување го наплатувале „дебело“ па дел од спортските работници велат дека последната година посредувањето достигнало и до 50 проценти.
Досега, проблем настануваше во моментот кога треба да се добијат тие финансии, а големиот број бирократски процедури се кочница за нормалното функционирање на спортските клубови, федерациите и спортистите-поединци.
Исто така проблематично е што спортскиот ваучер досега клубовите го добиваа во календарската година, а сезоните започнуваат во август месец и завршуваат кон крајот на мај, следната година. Голем број на спортските клубови живеат „од“ и „за“ спортскиот ваучер па така долгоочекуваните финансии што ќе ги добијат од спортскиот ваучер, се „однапред изброени пари“ и со нив се пополнуваат долговите направени претходно. Со новото законско решение клубовите ќе добијат пари два пати годишно, во март и јуни.
Проблем за спортските клубови преставуваше и наоѓање фирма, којашто е желна да финансира во спортот, но од друга страна да биде стабилна и сигурна во својот приход на крајот на годината. На почетокот на годината не секоја фирма е сигурна колку ќе заработи во годината, и дали воопшто може да си дозволи, да го исплати целиот ваучер кој што го има на располагање клубот.
Малверзации правеа и комисиите коишто одлучуваат колкав ваучер ќе добијат спортските субјекти. Бодувањето го правеа директори на клубови наместо „независни“, коишто прецизно ќе се водеа по однапред пропишаните критериуми, па така лесно се влијаеше за нечиј ваучер да биде за неколку илјадници евра поголем.
Годинава спортски ваучер добиле 45 федерации, 602 клубови и 284 индивидуални спортисти. Поранешниот европски ракометен првак Вардар е прв на листата со спортски ваучер во висина од 17 милиони денари, по што следува ракометниот клуб РК Пелистер со 15 милиони денари. Идентичен ваучер има и ракометниот клуб Бутел, а РК Пролет 12,5 милиони денари. Зад ракометните клубови следи првакот на Македонија во кошарка, МЗТ Скопје Аеродром со 13 милиони денари. Шкендија и Шкупи највисоко котираат меѓу фудбалските клубови.
Ракометната федерација години наназад има на располагање најголем ваучер иако Фудбалската федерација не аплицира за спортски ваучер.