Серик Конакбаев од Казахстан се сврте кон Спортскиот арбитражен суд во Лозана по одбивањето на неговата кандидатура за претседател на Светската боксерска асоцијација (АИБА).
Конакбаев сака да се вклучи во борбата за нов шеф на организацијата против актуелниот привремен претседател, Гафур Рахимов.
Рахимов е единствениот кандидат за функцијата, иако беше предупреден од МОК да не учествува на изборите на 3 ноември, откако властите во САД го обвинија за шверц на хероин и ги замрзнаа сите негови средства под американска јурисдикција.
Сепак, минатата недела кандидатурата на Узбекистанецот беше единствената одобрена за учество на изборите од комисија на АИБА, додека апликацијата на Конакбаев беше одбиена.
КАС објави дека ќе одлучува во брза постапка по барањето на Казахстанецот да биде вклучен во изборите.
Поради скандалите во АИБА од страна на МОК се заканија дека ќе ја исклучат боксерската програма од Олимписките игри.