Светското карате првенство за кадети, јуниори и јуниори 21 во Тенерифе, Шпанија, заврши со доминација на Јапонија која освои 18 медали – 10 златни, 1 сребрен и 7 бронзени, додека на втората позиција е Египет со 15 (5-3-7) и на третата Турција со 11 (3-3-5).
Во првите десет репрезентации се Шпанија, Иран, Италија, Франција, Казахстан, Данска и Црна Гора.
Секако, големо изненадување е Казахстан 3 (2-0-1), додека Египет само ги потврди своите аспирации дека сака да биде водечка земја во каратето, а Турција полека се созема од сениорското Светско првенство и си ги враќа позициите. Данска е вистинско скандинавско освежување со злато и сребро. Луксембург и Тајланд добија шампиони, како и Саудиска Арабија.
Повеќе од очигледно е дека Јапонците сакаат да се претстават како „добри домаќини“ на Олимписките игри 2020 во Токио, кога каратето ќе дебитира како олимписки спорт. Пред се, во изведбата на кати не дозволуваат изненадување, во борбите пополека ама сигурно газат. Тоа го потврдија и натпреварите во Карате 1 Премиер лигата.
Од регионот Црна Гора остави најдобар впечаток со три медали (1-0-2), Србија доби шампион, Бугарија две сребра, Хрватска и Босна и Херцеговина освоија по една бронза.
Во сите овие набројувања не може да се види само Македонија. И така е, не освоивме ниту еден медал, а на претходното имавме сребрен медал во кати екипно (жени) кој е првиот медал во екипна конкуренција на светските првенства. Имаше големи очекувања, но ништо од тоа. Освен ако се земе и во предвид ситуацијата со Роберто Ацковски и борбата на Марио Свинарски за бронзен медал преку репасаж, како и на машкиот ката тим. Оние што се веќе дел и од поголемиот сениорски избор не дојдоа во ситуација да се борат за медал. Затоа мора нешто да се менува, нешто што го покажаа и трите турнири на Премиер лигата, бидејќи 2018 година е многу близу, а со тоа и почетокот на квалификациите и за малдинските Олмписки игри во Аргентина и Олмпијдата во Токио 2020 година.
Ipon.mk/В.Д.