Сојузот на спортови Скопје ги додели наградите „13 Ноември“

По повод денот на ослободувањето на Град Скопје, 13-ти ноември, Сојузот на спортови Скопје денеска ги додели наградите „13 Ноември“, на предлог на Комисија за награди и признанија, и со одлука на Управниот одбор на Сојузот.

Наградата за Спортист, му се додели на Дејан Георгиевски, кој е дел од Теквондо клубот Бутел Скопје. Дејан освои второ место во теквондо на Олимписките игри во Токио. Покрај Дејан, награда 13 Ноември – Спортист, во областа на планинарството, ѝ се додели и на Илина Арсова, која оваа година, во Еквадор се искачи на пет врвови со над 5.000 метри надморска височина, а даде и голем придонес во развојот на спортот.

Наградата за тренер ја освои Борче Костовски, кој е тренер на теквондистот Георгиевски. Беа наградени и спортскиот новинар Бранко Казаковски од телевизија Телма, долгогодишната спортска работничка во тенискиот спорт, Билјана Димовска, награда за животно дело добија Насе Насев (најтрофеен тренер во борење), Седадин Али – Сетко (професор по физичко образование и воспитание, тренер по фудбал и спортски работник во повеќе спортски здруженија) и на планинарот и планинарски водич, Љубомир Котевски.

Наградата „13 Ноември“ за општествено спортски работници им се додели на Горанчо Петровски, кој е началник за безбедност на патниот сообраќај во СВР Скопје, и повеќе од 10 години успешно ја реализира сообраќајната логистичка поставеност на маратонот и сите останати трки и настани, со што обезбедува висока безбедност при одржување на истите, како и на Даниел Димевски, Претседател на Македонскиот Олимписки Комитет, за успешен настап на нашите олимпијци на последните Олимписки Игри во Токио.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО

IPON