Голем скандал изби во рускиот национален тим во бокс. Екипата започна многу слабо на Олимписките игри во Рио. Тројца од натпреварувачите отпаднаа уште на стартот. Тоа го испровоцира тренерот на репрезентацијата, Александар Лебзјак, да експлодира против боксерите.
„Ова се туристи. Пред Олимпијадата раководството на федерацијата ме стави пред свршен чин, откако ги избра токму нив. Не гледам во очите на момците дека сакаат да заработат. Ние треба да сме многу силни, бидејќи ако победуваме само со 1-2 поени, никој нема да ни ја даде победата. Нашите момци се чуваат. На мене не ми требаат учесници, имам потреба од борци. За време на нашите мечеви не слушам поддршка од останатите во тимот. А видете како Ирците, Англичаните и Кубанците навиваат за своите. Кај нас еден седи на трибините, втор воопшто не дојде, а третиот некаде спие. Ова не е тим. Секој е сам за себе“, изјави олимпискиот шампион во интервју за „Комсомолскаја правда“.
Лебзјак изјави дека најверојатно ќе биде отпуштен на крајот на Олимпијадата.
„Имаме огромни несогласувања со раководството на Федерацијата. Бесен сум, бидејќи гледам дека донесовме туристи“, додаде легендата.
https://youtu.be/xa_tQrePM-o