Шерифовски: Светскиот шампион Шимид не беше доминантен, но искуството си го направи своето

Македонскиот џудист и учесник на Олимписките игри во Париз, Еди Шерифовски, се огласи по завршувањето на борбата против светскиот шампион Гиљерме Шимид, во која нашиот борец загуби со ипон.

Шерифовски изрази огромна благодарност за поддршката од целата нација и рече дека е среќен што имал навивачи и во Париз, иако не успеал да ги израдува со триумф.

„Би сакал да изразам благодарност до сите кои ми дадоа голема поддршка за мојот настап во Париз. Навистина сум изненаден од нашиот народ кој дојде да ме бодри и во Франција. Неизмерно сум благодарен на сите тренери, на федерацијата и сите останати во тимот.

Се борев против фаворит, на кој не му дадов многу почит. Физички бев подготвен и не почувствував дека ривалот е доминантен во тој сегмент. Кондиционо бев солиден, не се уморив премногу, но Бразилецот беше порасположен за борба.

Не се работи за мое невнимание, туку едноставно тој денес беше подобар. Продолжуваме со напорната работа и во иднина и се надеваме на големи спортски резултати. Сакам да возвратиме на огромната поддршка од сите, зашто таа ме мотивира за натамошните предизвици“, изјави Шерифовски.

Неговиот тренер, Горан Мицковски, потврди дека Шерифовски бил рамноправен противник и жали што денес победата заминала кај фаворизираниот ривал.

„Џудото е динамичен спорт, каде мала нијанса може да го одлучи победникот. Шерифовски се прикажа во одлично светло, но победата за жал замина кај Шмит. Силно сум уверен дека нашиот џудист во иднина ќе бележи многу подобри резултати и задоволен сум од тоа како ја претставивме Македонија на Олимписките игри во Париз“, изјави Мицковски.

Еди Шерифовски беше третиот македонски олимпиец кој настапи на најголемиот спортски планетарен настан годинава.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО

IPON