Шабан Трстена: Уште колку години ќе чекаме, барем еден македонски борач што е роден овде да се врати со медал?

„До кога само ветувања?“, прашува во објавта на Фејсбук олимпискиот шампион Шабан Трстена по настапот на нашите борачи на Европското првенство во Братислава, Словачка.  

„Повторно останавме само со празни зборови.

Веќе 35 години слушаме како  борачи се подготвени за медал, но за жал, како и секогаш, без победа, без медали. Уште колку години ќе чекаме, барем еден македонски борач што е роден овде да се врати со медал?

Не мора да биде златен, нека биде и бронзен медал, само да го видиме македонското знаме на подиумот.

Дозволете ми кратко да ве потсетам на мојата спортска историја на Европските првенства за сениори.

Во 1982 година во Варна имав 17 години, прв настап и го освоив првиот бронзен медал во категоријата до 48 килограми. До 1990 година освоив  уште 8 медали  – два златни, три сребрени и три бронзени.

1983 година, Будимпешта – сребрен медал, прв пат во финале;

1984, Јончепинг – европска титула и златен медал на 19 години;

1985, Лајпциг, уште едно финале, изгубено во последни секунди, сребрен медал;

1986, Атина – петто финале по ред, повторно сребро;

1988 и 1989 год. – бронзени медали;

1990, Познањ – вторпат европски шампион, прогласен за најдобар борач во Европа со пет победи без загубен поен.

Денес, на 60-годишна возраст, се прашувам: Како беше возможно тогаш, во толку тешки услови, јас да бидам среде моќните руски, бугарски и турски шампиони и асови од цела Европа?

Не заборавајте, се е можно во овој свет кога сте млади. Можете да правите светски чуда. Само треба да имате волја и многу да тренирате, да размислувате за победа и да не мислите дека е важно само да учествувате на Европското првенство.

Со голема почит,Ш.Т. олимписки и двоен европски шампион“, пишува Трстена.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО

IPON