Секако дека сум заинтересиран за борба со Усик. Првиот пат кога боксиравме, го удрив во телото и го соборив

Александар Усик ја започна професионалната боксерска кариера во 2013 година, а од тогаш до денес имаше 22 меча и на секој од нив излезе како победник постигнувајќи 14 нокаути. Украинецот најпрвин ги обедини сите појаси во полутешка категорија, а потоа истото го направи и во тешката дивизија и на тој начин се запиша во историјата на „благородната вештина“.

Пред трајно да ги промени односите на моќ во професионалниот бокс, Усик имаше и импресивна аматерска кариера, освојувајќи злато на Европското првенство во Ливерпул во 2008 година, Светското првенство во Баку во 2011 година и Олимписките игри во Лондон. Избоксира вкупно 350 аматерски мечеви, од кои победи на 335, а 15 пати загуби.

Еден од луѓето кои го победија Усик во текот на неговата аматерска кариера е актуелниот апсолутен шампион во полутешка категорија Артур Бетербиев, кој во едно од последните јавни настапи изјави дека би сакал повторно да влезе во рингот со 37-годишниот Украинец, овој пат во професионална средина и целосно нови околности.

„Да, секако дека ме интересира борбата со Усик. Тој направи добра работа, всушност ја заврши најдобрата работа во светот на боксот“, изјави Бетербиев во интервјуто за „Секндс аут“.

По борбата на Усик со Даниел Дубоа и контроверзниот удар во телото, многу аналитичари и тренери тврдеа дека телото е слабата точка на Украинецот. И Бетербиев го собори со удар во телото, но не се согласи со тезата за потенцијалната слабост на Усик.

„Го удрив во телото и го соборив, но тоа се случи само еднаш и тоа не значи дека неговото тело е слабо“, заклучи 39-годишниот Чеченец со канадски пасош.

Бетербиев и Усик се имаат сретнато три пати во аматерска конкуренција. Првпат боксираа на крајот на август 2007 година во Калининград, Русија, а тој меч отиде во корист на Бетербиев, за Украинецот да му возврати четири години подоцна, во четвртфиналето на споменатото СП во Баку, а славеше и во четвртфиналето на Игрите во Лондон во 2012 година. Треба да се спомене дека борбата која му припадна на Бетербиев се одржа во полутешка категорија, додека Усик победи во натпреварите во тешка категорија.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО