Тренерот на кадетската репрезентација на Македонија, Седат Бафтија, се запиша во историјата на македонското борење со освојување на медал на негов репрезентативец на едно официјално Европско првенство – кадетско, кое се одржа во Скопје. Имено, Бесир Алили го освои сребрениот медал во кадетска конкуренција во слободен стил.
Можеби поради тоа што Европското првенство дојде некако изненадно, очекувањата наеднаш пораснаа, но со тоа и обврските и нервозата беа неодминливи. Сепак, Бафтија имаше несебична помош од тренерите Давор Тасев и Суфијан Исмаили.
Дали беше зацртно медал пред стартот на ЕП?
-Секако дека ДА! Бесир Алили е голем талент и тоа го има покажано и во минатото, со многу успеси на меѓународни турнири во пионерска конкуренција. Екипата работеше повеќе од напордоно, од првиот момент кога дознавме дека ние ќе бидеме организатори на ова Европско првенство, од тој момент беше зацртано да се освои најмалку еден медал, во што и успеавме.
На кого сметавте дека може да освои медал?
-Сметавме и очекувавме најмногу од тој што, впрочем, и го освои медалот. Бесир Алили е еден од најголемите таленти во македонското борење во последните 10 години, а тоа го докажа со одличните настапи на ова ЕП. Очекував и се надевав дека и Аид Салихаси ќе успее да се бори за медал, но лошата жрепка го оневозможи во тоа. Трета наша надеж за позитивен резултат и евентуален медал, беше Филип Тасев, кој успеа да слави победа во првата борба, но потоа исто така наиде на квалитетни противници и не успеа да отиде повеќе од 1/8 финалето.
Некако најмладиот испадна најхрабар, бидејќи другите стигнаа најмногу до второ коло или репасажот, поради пласмананот на противникот. Какви мерки ќе се преземат да имаме повеќе репрезентативци кои ќе можат да се борат за медал?
-Овој медал на Бесир Алили, мислам дека самиот по себе ќе биде голем поттик за сите негови колеги, другари, да бидат што е можно поактивни секој ден на тренинзите, да дадат 100 отсто од нивните можности на подготовките и натпреварувањата, бидејќи само така може да имаме квалитетна репрезентација, а не само поединци.
Какви се плановите за оваа репрезентација?
-По неколкудневен краток одмор не очекуваат нови подготовки, сега за настап на Светското првенство за кадети, кое во почетокот на јули ќе се одржи во Загреб, Хрватска. И таму ќе атакуваме на добри резултати и евентуален медал, а потоа целосно да се насочиме спрема младинските Олимписки игри кои ќе се одржат во септември во Буенос Аирес, Аргентина, каде очекуваме и се надеваме да имаме најмалку еден наш претставник.
Кој момент беше најтежок, а кој најлесен/најрадосен на ЕП?
-Најтешките моменти ги доживував при негативата од 6-0 на Бесир Алили против молдавецот Василе Марку, додека имав два најрадосни моменти, првиот на крајот на истата борба, кога со голем пресврт се пласиравме во полуфиналето и потоа, при убедливата победа во полуфинале против Станислау Мазок од Белорусија и пласманот во големото финале.
Дали се можни измени во составот на репрезентацијата?
-Сега за сега не, бидејќи костурот на репрезентацијата е овој и ќе биде истиот до крајот на оваа година. За следната, ќе видиме, потоа ќе решиме.
Ipon.mk