Дионтеј Вајлдер, поранешен шампион на ВБЦ во тешка категорија и еден од најопасните удирачи во историјата на боксот, конечно е подготвен да се врати во рингот. По тешките порази од Џозеф Паркер во декември 2023 година и Жилеј Жанг во јуни 2024 година, Вајлдер (43-4-1, 42 КО) ќе настапи на 27 јуни во арената Чарлс Кох во Вичита (Канзас).
Промовиран од Нелсон Лопез од Глобал комбат колектив, Вајлдер ќе се обиде да му покаже на светот дека сè уште не го кажал последниот збор во кариерата обележана со експлозивни нокаути. Противник ќе му биде Тајрел Ентони Херндон (24-5, 15 КО), искусен боксер од Сан Антонио, кој ќе ја има најголемата можност во професионалната кариера во оваа борба наречена „Легаси релоудед“.
За Вајлдер, бронзениот медалист на Олимписките игри во Пекинг во 2008 година, кој во октомври ќе наполни 40 години, победата е од суштинско значење за да остане релевантен во самиот врв на светскиот бокс. Вечерта ќе биде екстра интересна поради настапот на колегата на Вајлдер од Тускалуса, талентираниот Дион Николсон (21-1, 17 КО), како и бројните надежни боксери кои ќе добијат шанса да се докажат во воведните борби.
„Настанот ќе биде пресвртница во светот на боречките спортови“, рече Џошуа Чес, претседател на Глобал комбат колектив, додавајќи: „Со Вајлдер како главна атракција на вечерта, врвни млади таленти и одлична атмосфера, подготвуваме нешто навистина посебно за публиката“.
Нелсон Лопез Јуниор, главниот човек на промоцијата, не го криеше ентузијазмот за враќањето на Вајлдер:
„Дионтеј Вајлдер е еден од најатрактивните борци во историјата на боксот. Неговото враќање во рингот ќе биде спектакуларно и незаборавно. Нашата цел е да им овозможиме на навивачите од прва рака да ја почувствуваат секоја емоција, секој удар и секој нокаут”.
Спектаклот ќе се емитува преку платформата БЛК прајм, а очекувањата на навивачите се големи бидејќи Вајлдер ќе се бори за боксерското наследство и ќе се врати во редовите на великаните.