Кумановецот Сашо Илиевски- Илијо на триумфален начин ја заврши ММА кариерата минатиот викенд на „Вечер на гладијаторите“ во Куманово, совладувајќи го Милан Накиќ од Србија.
„По долгогодишна успешна кариера во кик боксот и ММА решив да и ставам крај на мојата натпреварувачка кариера, по спектакуларната борба која се одржа во Куманово на „Вечерта на гладијатори“. Одлучив дека тоа е најдобро време по таков спектакл кој се одржа во мојот град и во кој издвојував победа во една гладијаторска борба пред својата публика, пред моите роднини и пријатели“, вели со доза на емоции Сашо Иливески -Илијо.
Во професионалната ММА кариера има 9 борби – 5 победи и 4 порази, а во неговата кариера настапува во Риека, Пула, Дубровник, Улцин, Загреб, Белград, Ниш и се бори со реномирани борци.
„Круна на мојата кариера беше учеството на Европската ММА лига 2014 година, во која како член на репрезентацијата на Македонија стигнав до четвртфинале“, истакнува Илиевски.
Тој веќе 10 години е тренер во ММА клубот Куманово 2006.
„Како и досега и понатаму ќе продолжам да работам со иста енергија и интензитет да го афирмирам ММА спортот во државата и пошироко. Голема благодарност до сите што ме поддржаа во текот на мојата кариера, мојата сопруга, фамилијата, пријателите,градоначалникот на Куманово, спонзорите кои несебично ми помагаа во текот на мојата кариера“, вели Сашо.
Ipon.mk/В.Д.
Фото: Кумановскимуабети.мк