По одлуката на Карате федерацијата на Македонија репрезентативците да си ги платат трошоците за пат и престој на Европското првенство за сениори во Гвадалахара, Шпанија, од 22 до 26 март, во висина од приближно 1000 евра, реагираа од КК Штип, од чии редови е европскиот првак и светски вицешампион Емил Павлов.
Во реакцијата на тренерите Сашко и Жарко Арсовски до КФМ се вели:
„Тренерите на КК Штип-Штип, Сашко и Жарко Арсовски, реагираме бидејќи ни стигна информација од Ваша страна дали нашите натпреварувачи ќе настапат на Европското првенство во Гвадалахара во Шпанија 2023 година. Со што, по Ваше известување, КК Штип ќе треба да издвои средства во висина од 102.000 денари за да нашите натпреварувачи ги бранат боите на нашата репрезентација и нашата држава. Ова е скандалозно, неприфатливо, пред сè, срамно барање од Ваша страна. Затоа потрудете се да разберете. За Емил Павлов и Бојана Манева, ако не плати клубот, нема да настапат на ова Европско првенство, како го толкувате овој скандал, како и штетните последици кои ќе и ги нанесете на Емил, Бојана и сите други, вклучувајќи го и КК Штип, кој неуморно и во континуитет со максимална посветеност веќе 20 години е најдобар клуб во нашата држава со сениорски светски и европски медали. Да Ви напоменам дека многу пати резултатите на КК Штип си ги препишуваат други лица. Исто така, морам да ви кажам дека ако не знаете за сениорски медал треба многу долгорочна, но и правилна работа со спортистот во сала и тоа многу долг период како што е случај со златното момче – Емил Павлов, светски вицешампион. Конечно, мора да сфатите дека Вие придонесовте тренерите кои создаваат шампиони да не ја чувствуваат нашата федерација како наша, затоа што не се вреднува нашиот труд и трудот на нашите спортисти.
Конечно мора да разберете дека погрешно работите и со тоа го уништувате карате спортот во вистинска смисла“.