Хабиб го победи Џастин Гејџи во последната битка во октагонот, одбранувајќи ја титулата, ама пред две недели во интервју за една од најпознатите спортски мрежи „ЕСПН“, всушност ја најавил пензијата, само што никој не обрнал внимание или едноставно никој не ни сакал да чуе дека ја завршува кариерата.
Скромниот Дагестанец најави дека без оглед на големото банковно салдо, без оглед на славата, се враќа на село, за да живее мирен живот, а со една изјава ги воодушеви сите.
„Немам намера да ставам некои луди цели пред мене, сакам мирен живот, сакам живот на село. И ќе го добијам тој живот. А, за живот не ми треба премногу. Дури и ако сте милијардер, не може да изедете повеќе од еден леб дневно“, рекол Нурмагомедов.
Тој во обраќањето најавил заминување во пензија, за да ја почувствува слободата на животот.
„Кога ќе дојде моето време ќе умрам. Ама пред да дојде моето време, сакам да летам. Сакам слобода. Сакам да го правам тоа што го сакам. Сакам да сум со семејството, со пријателите, со своите луѓе. Сакам да сум во своето село. Наскоро, многу брзо, мислам дека ќе заврши мојата кариера. Ќе почнам живот без интервјуа, без медиумска помпа, без напорни и тешки тренинзи, без откажувања, без фокусирања, без борби…“, рекол Нурмагомедов.