По долги години боксерскиот стратег Руждија Калач ги предводеше македонските репрезентативци Јасин Лама и Арсим Етеми на Светското првенство во Белград, Србија. Билансот е една победа и два порази. Сепак нашите боксери се претставија во добро светло и техничко-тактички боксираа добро.
Да посетиме дека Јасин Лама (60 кг) го совлада Фабио Росели (Сејшели) 5-0, а загуби од олмпискиот и севтски шампион Абдумалик Халоков (Узбекистан) 0-5, додека Арсим Етеми (80 кг) со поделена одлука од 2-3 беше поразен од Андреј Кирјаков од Молдавија.
Имајќи ги предвид состојбите во нашиот бокс во подолг временски период, задоволува претсатвувањето на нашите боксери.
Како го оценувате настапот на Јасин Лама и Арсим Етеми?
-Пред се, јавноста треба да знае дека Управниот одобр на Боксерската федерација ме ангажираше буквално непосредно пред Светското првенство во бокс, некаде пред месец дена. Двајцата боксери, Јасин Лама (60кг) и Арсим Етеми (80кг) ги познавам само како натпреварувачи, но овие 20-тина дена многу подобро се запознавме на подготовките во Белград. Лично сум задоволен од нивното ангажирање, однесување, сериозноста, приодот кон борбите, исполнување на тоа што се договоривме и стратегијата за боксирање. Без разлика на (исходот) резултатот, Јасин Лама забележа убедлива прва победа на Светско првенство, и се пласираше во второто коло на прелиминарните борби каде беше поразен од Абдулмалик Кхалаков од Узбекистан. Јавноста треба да биде запознаена со фактот дека Абдулмалик Кхалаков е светски шампион во 2018 година, олимписки шампион во 2018 година, има сребро од Азија 2017, шампион на Азија 2018, првак на Узбекистан, бронзен медал на Азија 2021 итн., итн…. Несомнено е дека повторно ќе освои медал и на ова Светско првенство. Ова го потенцирам, за јавноста да знае со каков противник боксираше Лама и кому му пружи отпор. Наиде на далеку поискусен противник, боксираше во рамките на своите можности, но за мене е најбитно дека не не засрами, машки ги избоксува сите три (3) рунди, за што противникот му оддаде почит на крајот на борбата.
Арсим Етеми беше поразен во прелиминарната борба од Молдавецот со резултат од 3-2, што укажува на тоа дека нашиот боксер можеше да победи (борбата беше пренесувана). Ми беше сугерирано од познавачите на боксот да приговарам на судиската одлука, но тоа ќе го коментирам во друга прилика. За краток период кај Арсим Етеми се чувствува подобрување во задавање и пласирање на ударите, сега се веќе далеку посилни во однос на порано. Со одбраната владее беспрекорно, има чувство на сенс за одбрамбената реакција, го чувствува просторот, се движи многу добро, но сето тоа не е доволно за освојување на медал на вакво големо и силно натпреварување.
Вашето видување на светското првенство во белград, што посебно ви остави впечаток?
-На ова Светско првенство во Белград, бројката на исфилтрирани боксери од сите континенти е над 600 и учество земаа над 100 национални боксерски федерации, што укажува на заинтересираноста на земјите да учествуваат во освојување на медал/медали. Видни се промените во АИБА, првенствено со доделување на паричните награди за освојувачите на медал. Пред тоа, се случија низа промени каде на професионалните боксери им се дозволува учество на аматерските рингови на сите АИБА турнири и првенства. Најдобрите боксери на Русија се распродадоа, во Србија има 5 руски боксери кои боксуваат за нивната репрезентација, тие се заедно со своите руски тренери овде на подготовките и на првенството. Во Бугарија има руски боксери, кубански боксери заедно со тренерите, а низ светот колку сакате. Сите земји каде боксот претставува или се вбројува како национален спорт, во своите редови имаат странски боксери. Доминираат земјите како Русија, Куба, Азербејџан, Казахстан, Узбекистан, Јапонија, Иран изненадува, како и Индија, Мексико, од овие држави пак се јавуваат поединци боксери кои настапуваат за европски земји. Основната карактеристика на ова Светско првенство е масовното учество на професионални боксери, а сето тоа носи голема опасност по земји кои многу „аматерски“ приоѓаат кон овој спорт. Ќе спомнам неколку работи кои јавноста треба да ги знае. Мајсторијата на ставање на бандажери на рацете е со професионални манири. Значи, ако самите не знаете, тогаш ќе мора некој друг да ви ги стави. Забрането е преврзување на бандажери на рацете од страна на боксерите како во минатото со обична преврска. Жрепката на паровите е електронска, во присуство на сите земји учеснички. На маиците и гаќичките за настап на меч боксерите не смеат да рекламираат или носат странска фирма, бидејќи нема да им биде дозволен настап на меч. Водата со која меѓу рундите тренерот го разладува боксерот е со знак на АИБА, и сето тоа е строго контролирано. Земањето на изјави од победниците, од светските прваци, олимпијците и интересните боксери, нивното снимање и сликање е исклучително авторско право на АИБА и само тие можат да го прават тоа.
Каде се нашите боксери во однос на конкуренцијата? Што треба да направиме за да добиеме боксери кои ќе бидат дел од боксерскиот врв и ќе можеме да сметаме дека ќе освојат медал на големите меѓународни првенства?
-Постојат многу нерешени проблеми кои го ограничуваат постигнувањето на успешниот развој на боксот кај нас во Македонија. Тоа е макотрпен, многу макотрпен и долг систематски процес, во создавањето на еден боксер со врвни резултати. Сето тоа зависи од повеќе фактори: условите и организираноста на клубот како основна клетка, стручните лица-тренерите како двигатели, нивното знаење и умешност да го водат, мотивираат боксерот, потоа Боксерската федерација, државните спортски институции како Агенцијата за млади и спорт, како и спонзорите како потпомагачи на овој спорт. Во основа, недостасува организациска поставеност на национална стратегија од страна на државните спортски институции. Тие мора да дадат временски период од минимум два олимписки циклуси предност на олимпискиот бокс, затоа што боксерите се докажале во освојување на сите можни медали од меѓународните натпреварувања и Олимписките игри. Сите реално ги чувствуваме општествените промени, конкретно во материјалниот сегмент што го носи и регулира професионалниот однос на сите учесници во боксерскиот спорт. Немаме веќе време за полемизирање и воопштување (младите талентирани боксери се временски менлива категорија). Конкретно, треба да се создадат услови за краткорочен четири годишен план каде институциите како АМС и МОК, заедно со Боксерската федерација ќе креираат организациски план за овој спорт во насока на создавање на следните услови:
- Создавање на далеку повеќе можности за редовно и навремено финансирање на боксерскиот спорт;
- Сала намената за бокс (боречки спортови) која би била 24 часа достапна и опремена со реквизити и помагала, теретана и сауна;
- Управниот одбор на Боксерската федерација да избере стручен тим кој ќе ја напише и образложи годишната програма за 2022 година и истата ќе ја спроведе;
- Собирање на сите талентирани кадети/сениори на едно место за тренинзи и подготовки (бројката е висока);
- Вклучување на ФФОСЗ и Медицина на спортот со научен потенцијал во мерење на моторичките и функционалните сегменти на боксерите;
- Адвокатски застапник на БФМ кој ќе ги застапува правните интереси на федерацијата, како на пример регулирање на правни акти за согласност од двајцата родители за занимавањето на нивното дете со бокс;
- Потпишување на обврзувачки договор од двете страни (Боксер и Федерација) за одреден период на спортската кариера од најмалку 6 години каде ќе се регулираат правата и обврските;
- Потпишување на договор за школување на боксерот во средното училиште „Академија за спорт“;
- Повозрасните боксери (сениори) кои се финансиски нестабилни да бидат редовно финансирани и стипендирани од страна на државните институции, како и да се обезбедат спонзори за нив и сл.
Стручните лица постојано треба да се усовршуваат, надградуваат, да разменуваат искуства, да внесуваат новитети во тренинзите. Тие треба самостојно да се грижат за своето усовршување и унапредување. Исто така, дополнително институциите треба да овозможат развој на тренерите. Образовниот момент на стручните лица е важна димензија од повеќе причини. Целта е да се подобрат менталните размислувања, од кои се добиваат пошироки можности за „воочување на техничките и механичките детали“ како кај својот, така и на противникот при „водењето на боксерот“ низ неговата кариера. Сето тоа треба да се организира преку практични часови, тренинзи и теоретски предавања, да се разговара, да се увидат добрите и лошите страни, грешките да се корегираат. Стручното лице треба да знае да направи проценка во селектирањето на потенцијалната талентирана индивидуа. Треба да внимава, тоа не е кулинарски рецепт, а тренерот влегува во ризик ако бил нереален во проценката, дека со тек на времето го изгуби/л боксерот. А вложил многу време и труд. Не е доволно да го лоцирате талентот, треба да умеете и да го следите, обучувате, усовршувате……да го доведете до освојување на медал од големо натпреварување! Дали ќе можат актерите да го овозможат ова? Искрено се прашувам кои се мотивите за регистрирање на еден куп боксерски клубови (можеби и над 40), а активно се натпреваруваат само 5,6 или 7 клуба?! Треба да ги согледаме нашите размери и можности, треба да почнеме да стануваме реални кон себе. Големиот број на пасивни и некорисни клубови го одземаат квалитетот, а знаеме дека векот на боксерот е минлив. Некогаш и многу краток.