В сабота (16 декември) во Штип ќе се одржи последното 6.коло од Првата и Младинската бокс лига, при што во младинска конкуренција ќе се води голема битка за шампионската титула меѓу Чаир, Баргала и Пинк Пантер.
„Сметам дека ќе бидеме победници и дека ќе ја истрачаме работата како што треба, иако има повеќе опции. Пред се зависи од тоа кои наши боксери ќе имаат противници, затоа што ако немаат противник ќе добиеме само по еден бод, во спротивно, со победа 4. Ако се погодат мечевите на Пинк Пантер и Баргала, тогаш тие директно ќе одлучуваат за првакот“, вели тренерот на Пинк Пантер, Ристе Грбев, а за екипата на Чаир која е со еден бод пред нив додава: „Ги знаеме нивните боксери кои редовно настапуваат, но немаме увид кои ќе се појават на вагата. Сепак, ние имаме квалитет кој е кадарен да се справи со своите конкуренти“.
Според Грбев, предност на неговата екипа е што има квалитет.
„Имаме добри боксери од кои очекуваме победи. Годинава свесно апстиниравме од Првата лига, бидејќи нашите сениори се натпреваруваа во Регионалната бокс лига, а сметам и дека се најдобри во нашата земја. Даваме акцент на помладите, бидејќи таму е нашата иднина“, нагласува стратегот на Пинк Пантер.
Евентуалната титула во Младинската лига според Грбев е поттик за работа и дека ќе биде најдобар клуб во градот (Штип).
„Градското дерби ќе биде многу атрактивно, а Штип станува најбоксерскиот град, чии клубови одлучуваат за титулата. Штип ги има најдобрите тренери, но и спорстки работници“, вели Грбев.
Истиот ден, во вечерниот термин, во Штип ќе се состанат екипите на Пинк Пантер и Лазаревац, Србија, во последното коло на Регионалната лига.
Ipon.mk/В.Д.