Повозрасните штипјани ги познаваат. Тие дојдоа во Штип во почетокот на шеесетите години од минатиот век. Ги бранеа боите на Балканец. Учествуваа и на европски, светски првенства, баканијади. Станува збор за Рамиз Тефиков и Неби Јусуфов. Фотографиите ни ги позајми познатиот и популарен борач од Струмица, Ристо Лито Алифкин.
„Пред извесно време ги посетив и двајцата во Измир. Тие се живи. Сега имаат околу 77 години. Овие уникатни фотографии се направени на почетокот на нивната кариера, во селото Секирник, на пеливански борби. Рамиз и Неби се родени во селото Чалаклија, Струмичко. Нивниот квалитет го забележал познатиоот тренер од Србија, Љубомир Ивановиќ – Геџа и ги испратил во Штип, бидејќи знаел дека во овој град има боречки клуб, за да напредуваат. И така беше. Во Балканец тие ги постигнаа најзначајните резултати. Кога бев во Измир , Турција, го посетив и споменикот на Али Кара, најпознатиоот турски борач, носител на многу медали од светски и европски првенства..Али Кара е Македонец, потекнува од селото Доброшани“, вели Ристо Лито Алифкин, учесник на балкански и европски првенства, носител е и на сребрен медал од Балканијада.
Рамиз Тефиков и Неби Јусуфов беа потенцијални кандидати за ЛОИ во Токио 1964 година, но поради некои административни прболеми не заминале. Рамиз Тефиков освои прв медал за МАКЕДОНИЈА на Балканијадата 1961 година во Скопје, сребрен медал освои и 1962 гдина на неофицијалното Светско првенство во Белград. На СП во Велика Британија, 1965 година беше петти.
Неби Јусуфов беше петти на СП 1963 година во Софија, а истата година освои и бронзен медал на Балканското првенство. Двајцата беа многу популарни и во Штип.
На фотографиите, без горна облека се Рамиз Тефиков и Неби Јусуфов, на едната, а на другата е Рамиз Тефиков, пак, без горна облека, на еден турнир во Секирник, Струмичко. На третата фотографија се Ристо Алифкин и Неби Јусуфов пред споменикот на Али Кара во Измир.
Ipon.mk/К.М.