Во просториите на издавачот, Националната установа библиотека „Гоце Дечев“ во Штип, Миодраг Мицковиќ, познат новинар, ја промовираше најновата 21 спортска книга на Кирил Манев „Емил Павлов македонска спортска икона“, јавува Штипски асови.
На промоцијата присуствуваа познати спортисти, најдобриот спортист на сите времиња во Македонија, Шабан Трстена, претседателите на федерациите во карате и борење, Петар Белистојаноски и Дејан Богданов, познатиот спортски работник Трајче Димков.
Рецензентот Миодраг Мицковиќ го искажа своето задоволство што некој се сетил да напише ваква книга, која останува историја за Македонија и за еден млад спортист како што е Емил Павлов.
Преку делото и животот на Емил Павлов во книгата е заокружен целокупниот развој на каратето во Штип и најголемите постигања во изминатите 50 години.
Шабан Трстена упатувајќи убави зборови на адреса на Емил Павлов и авторот Кирил Манев истакна што во Македонија има големи спортисти и новинари, кои знаат да ги овековечат резултатите на најдобрите.
„Емил Павлов верувам дека на ова нема да застане. Очекувам добри резултати и од Светските спортски игри. Голема благодарност и за легендата на македонското спортско новинарство, кој имаше храброст да напише уште една книга, со која сите ние се гордееме, како што се горди и на резултатите на Емил Павлов. Очекувам дека и трудот на новинарите треба да се почитува и цени не само да му кажеме „фала“ на Манев, туку треба и државата да размислува да ги наградува ваквите ентузијасти кои придонесуваат напишаните книги и резултатите на спортистите никогаш да не се забораваат. Јас годинава планирам Оскар од ЛОИ да му подарам токму на авторот на оваа книга“, рече Шабан Трстена.
„Годинава планирам да продолжам со успесите, бидејќи сфатив дека тие се ценат. Очекувам и медал од Светските спортски игри“, рече Емил Павлов.
„Сите во КФМ сме горди на постигањата на Емил Павлов. Добро е е што се пишуваат вакви книги за спортистите“, изјави Петар Белистојаноски, претседател на КФМ.
Авторот на книгата, Кирил Манев, потсети дека издавањето на една ваква книга е скап спорт
„Јас сум горд што ја издадов оваа книга, иако имав доста проблеми, упатувајќи и благодарност и до д-р Игор Мерџановски, траумотолог, кој му го спасил животот, кога пред извесно време ја повредил едната нога“.
Одлично ја водеше промоцијата Соња Манева, вработена. Ученици од Гимназијата во Штип читаа делови од книгата.