Промоторот на Усик, Александар Красјук, се надева дека здравјето на Тајсон Фјури ќе го послужи и повеќе нема да го одложува мечот што љубителите на боксот го чекаат со години, а тоа е борбата за обединување на титулата шампион во тешка категорија.
Красјук вети дека непоразениот Украинец на настанот на 18 мај во Саудиска Арабија ќе покаже дека е најдобар тешкаш во светот.
Усик и Фјури требаше да се борат овој викенд, а победникот ќе стане првиот апсолутен шампион во тешка категорија од 1999 година кога тоа го направи Ленокс Луис.
Но, Кралот на Ромите се здоби со расекотина над десното око на еден спаринг меч со Агрон Смакиќи и заврши во болница со конци, со што го одложи натпреварот за три месеци.
„Ќе се молиме за Тајсон Фјури и неговото здравје. Се надеваме дека ќе биде стопроцентно подготвен за 18 мај и дека борбата ќе се одржи. Ова е наша желба, но и на љубителите на боксот. Сите сакаме да знаеме кој е најдобриот тешкаш во светот во моментов. А тоа ќе биде Александар Усик“, изјави Александар Красјук, кој тврди дека доцнењето не влијаело на подготовките на Усик.
Шампионот на ВБА, ВБО и ИБФ продолжува со подготовките.
„Александар се чувствува совршено. Се подготвуваше за оваа сабота, но, за жал, борбата беше одложена. Сите ја знаеме причината“, истакна Александар Красјук и се присети како Усик само се насмевнал кога првпат слушнал дека Фјури е повреден и го одложил мечот:
„Тоа ќе биде уште еден предизвик за Усик. Но, тој е подготвен за предизвици. Значи, ништо битно не е сменето. Тој продолжува да тренира. Единствената промена е датумот, а се останато останува исто“.