Поранешниот шампион на ВБЦ Тајсон Фјури неодамна изјави дека мечот против Александар Усик му бил премногу лесен и затоа загубил.
Минатиот месец на настан во Ријад Британецот боксираше против Усик во меч за апсолутен светски шампион во тешка категорија.
По фантастични 12 рунди украинскиот борец го победи Фјури со поделена одлука.
Фјури сè уште мисли дека бил подобар во тој меч и верува дека недостатокот на предизвик е причината поради која почнал да се шета наоколу во рингот.
Поранешниот шампион го спореди Усик со „некој локален аматерски борец“ во интервју на неговиот Јутјуб канал.
„Многу пати го гледав нашиот меч и секогаш го добивав истиот одговор. Бев подобар и требаше да победам“, изјави Тајсон Фјури, а потоа продолжи:
„И Усик знае дека не ме победи. Всушност, беше многу полесно отколку што мислев дека ќе биде. А мојот проблем беше што веројатно премногу се забавував. Беше премногу лесно“.
Промоторот на Усик, Александар Красјук, во една реченица одговори на коментарите на Фјури.
„Тоа mu беше втора најлесна борба по Нгану“, изјави Красјук.
Борбата на Фјури со поранешниот шампион на УФЦ, Френсис Нгану, која се одржа на крајот на октомври минатата година, беше прогласена за „Битката на најлошите борци во светот“.
Во не многу убедлив настап Кралот на Ромите победи со поделена одлука на судиите, но ја паметиме и третата рунда кога камерунскиот удирач го испрати Британецот во нокдаун.