Новозеландскиот боксер Џозеф Паркер на крајот на минатата година со одличен настап оствари голема победа над поранешниот шампион на ВБЦ, Дионтеј Вајлдер.
Паркер доминираше на мечот против Бронзениот бомбардер кој ниту еднаш не му се закани, а на крајот со едногласна одлука на судиите стигна до убедлив триумф.
Вајлдер влезе во тој меч како огромен фаворит, но тоа не го докажа во рингот.
И со таа победа Новозеландецот се врати на големата сцена, а сега има можност да бара нов меч против тешкаш од врвната категорија.
Промоторот на Паркер, Дејвид Хигинс, верува дека Џозеф го заслужил тоа и се надева дека ќе може да бара реванш против Ентони Џошуа.
На крајот на мај 2018 година Британецот го победи Паркер со едногласна одлука на судиите.
„Џозеф заслужи реванш против Ентони Џошуа, а мислам дека и Саудијците би сакале да ја организираат таа борба. Можеби тој нема да биде следниот, веројатно му требаше уште еден меч, но мислам дека навивачите сакаат да ја гледаат таа борба“, изјави Дејвид Хигинс и додаде:
„Паркер не бира противници, а досега се бореше само со големите, два пати против Дерек Чисора, Џојс, Џошуа, Вајлдер, Вајт,… Има само 31 година. Верувам дека наскоро би можел повторно да се бори со Џошуа, тоа би било одличен меч. Ќе ги разгледаме сите предлози и опции и наскоро ќе донесеме одлука“.