Промоторот на Баколе: Мечот меѓу Мартин и Жанг би бил боксерски блокбастер

Откако неодамна го совлада Џаред Андерсон на прекрасен начин, тешкашот од Конго Мартин Баколе привлече огромно внимание кај љубителите на боксот.

Баколе со нокаут во петтата рунда ја совлада големата американска боксерска надеж и со таа победа испрати јасна порака до елитните борци од дивизијата, а сега се надева на огромна борба.

Неодамна изјави дека има три желби – Жанг, Кабајел и Паркер, но таа листа ја намали на само едно име.

„Подготвен сум да се борам против Жилеј Жанг пред неговите навивачи. Би ја сакал таа борба и навистина се радувам на неа“, изјави пред некој ден Мартин Баколе.

Извршниот директор и промотор на Боксер Бен Шалом истакнува дека Конгоанецот е гладен и подготвен да остави белег на светската сцена.

„Борбата со Жилеј Жанг е токму онаква блокбастер борба каква што заслужуваат љубителите на боксот, двајца титани во тешка категорија во рингот“, рече Бен Шалом и додаде:

„Тоа е борба која може да ја разниша тешката категорија, а ние сме тука да го направиме тоа. Светот сака да го види, а и ние. Да им дадеме на навивачите што сакаат“!

И тренерот на Баколе, Били Нелсон, го поддржува неговиот борец во обидот да го запре Жанг, кој во кариерата загуби само од Филип Хрговиќ и Џозеф Паркер.

„За Мартин би било голем предизвик да се бори во Кина против Жанг. Но, ние секако би уживале во тој меч. Милиони гледачи би го гледале тој натпревар“, рече Били Нелсон и подвлече:

„Верувам дека Мартин ќе го запре Жанг пред осмата рунда, тој е пребрз и преостар за него. Тој е далеку посилен и поиздржлив од Жанг. Знаеме дека Жанг е опасен во раните рунди и има одлична лева рака, но тоа би било предизвик за кој Мартин добро би се подготвил и на крајот би победил“.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО

IPON