Пријателство и мајсторство, енергија на поврзување, чистота на искреното сплотување на балканските народи на Големиот балкански карате семинар во Скопје

Очекувам две важни нешта: пријателство и мајсторство, вели шихан Тони Петров од Бугарија по повод „Големиот балкански карате семинар“ што утре и во сабота (12 и 13 април) по втор пат ќе се одржи во Скопје во организација на Карате центар Пејов во Спортскиот центар „Борис Трајковски“.

„Позитивно чувство од сите и енергија од инструкторите“, додава Петров кој плени со практичната примена на џиу џицуто и каратето во реални ситуации.

Шихан Милан Ѓокиќ кој самиот милува да рече сенсеи е инспиративен пред настапот во Скопје имајќи го во предвид премиерното издание на Големиот балкански  карате семинара минатата година, за кој рече дека во 40-годишната кариреа не доживеал да учествува на така добро организиран семинар.

„Годината помина и дојде. Ако бевте среќни со нас, овој пат нема да ве разочараме. Напротив. Работиме напорно цела година да го подигнеме нашето целокупно ниво на повисоко ниво. Затоа што го заслужувате тоа. Како што е самата идеја на „Големиот балкански семинар“ заедништво на сите нас, за просперитет, мир, толеранција и разбирање, дојдете и бидете наша поддршка. Во периодот меѓу двата семинари, бев на 18 други. Максимално ќе се вложам двата дена да ги исполнам очекувањата на добар сенсеи. А добар сенсеи е оној учител што инспирира. Такво признание добив од учесниците на семинарот во Софија. Ќе се потрудам и овој пат да бидам инспирација и за постарите и за помладите вежбаи, да кренат, да помрданат и да го видат богатството на вистинското традиционално карате, фудокан и Казе ха карате; да им ги проширам видиците и основата, за врвот да и биде повисок.

Во денешно време луѓето не веруваат во вистинското карате и не веруваат дека некој верува. Верувам дека сите што стојат пред мене, ми веруваат оти верувам. А кога вистинскиот посветен сенсеи верувам и луѓето веруваат дека верувам, тогаш мојата вера и енергија стануваат темел на нивната вера, така да почнат да веруваат во она во што верувам и јас. Така, како вистински учител, ги инспирирам. Можете да го очекувате ова од мене“, вели сенсеи Милан Ѓокиќ.

Домаќинот Зоран Пејов воден од својата карате и животна филозофија порачува:

„Семинарот ќе сподели позитивна енергија кај сите каратеки и кај оние што ќе не следат од трибините. Енергија на поврзување, чистота на искреното сплотување на нашите балкански народи, тоа е поентата на овој втор по ред Голем балкански карате семинар“.

„Минатата година беше одлично, а годинава сигурно ќе биде подобро. Најавено е доаѓање на каратисти од Србија, Црна Гора, Турција… Сите се добредојдени. За прв пат ќе бидат демонстрирани тајни техники на Карате До и уште многу, многу мали тајни на големите мајстори“, категорчен е Пејов.

Семинарот добива и друга димензија – да не се заборават оние кои го востановија каратето во нашата земја и го издигнаа на ниво за респект во светски рамки,а да се поттикнуваат младите што повеќе да се внесуваат во оваа вештина која има големо позитивно влијание во животот на една личност.      

Семинарот ќе го водат инструкторите шихан Тони Петров од Бугарија – 7 дан, сенсеи Зоран Пејов од Македонија – 5 дан, сенсеи Ранко Вукотиќ (5 дан) од Црна Гора и шихан Милан Ѓокиќ од Србија – 7 дан.

Главниот настан и свеченото отворање се на 13 април (сабота) во малата сала на „Борис Трајковски“ со почеток од 15 часот.

Се очекуваат учесиници од Македонија, Србија, Бугарија, Црна Гора, Турција, од Косово се чека потврда.

Големиот балкански карате семинар е со заложба – пат на мирот и љубовта, толеранција, разбирање и регионална соработка. Да се надминат разликите, да се биде пример на сите. Да се покаже дека ги има каратистисте. Практикувајќи го со нас (мајсторите-н.з.)  традиционалното карате – до, спортското карате, џиу џицу и самоодбрана.

Да потсетиме дека Минатата година Големиот балкански карате семинар во Скопје од сите мајстори беше прогласен за најдобро организиран, на кого присуствуваа амбасадорите Душанка Дивјак – Томиќ од Србија, Иван Петков од Бугарија и заменикот на амбасадорот на САД, Микаела Швајцер – Блум, како и третиот секретар на српската амбасада Срѓан Недељковиќ.

Идејата е со заедничка соработка да се изградат спортисти кои балканските земји ќе ги претставуваат на Олимписките игри во Париз 2024 (ако го има на листата на спортови на Игрите) и соработка со Францсуката карате федерација. Оваа врска се гради преку нашиот мајстор кој живее и работи во Франција, Стојан Стојанов, роден кавадарчанец.

Годинава семинарот почна од Софија на 22 и 23 март, а продолжува во:
Скопје – Македонија 12 и 13 април
Ниш – Србија 7 и 8 јуни
Будва – Црна Гора  20–23 јуни.

Ipon.mk

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО

IPON