Премиерот Зоран Заев, придружуван од директорот на Агенцијата за млади и спорт (АМС), Дарко Каевски и советниците за спорт, остварија средба со претставници на неколку наши карате клубови од Македонија, предоводени од поранешниот селектор на репрезентацијата и сегашен пратеник Чедомир Саздовски. Во делегацијата беа уште Елвир Куртановиќ, Мирче Јанушевски и Горан Алексовски.
На средбата е разговарано за предизвиците со кои се соочуваат карате клубовите во своето работење, како и предлози за конструктивно надминување на пречките, со цел развој на квалитетни спортски клубови и спортисти од областа на каратето.
Директорот на АМС, Каевски, ги извести претставниците на клубовите кои се дел од КФМ за конкретните чекори кои се преземаат од страна на Агенцијата за решавање на проблемите во Карате федерацијата и други спортски федерации во земјава. Тој во текот на средбата истакна дека најдоброто решение ќе произлезе од заедничките средби на сите засегнати страни.
На средбата Заев ги задолжи директорот на АМС и советниците за спорт да ги искористат сите алатки во нивна надлежност за да се решат отворените прашања во интерес на спортистите.