Пред 27 години БК „Бучим-Јака“ ја освои светската шампионска титула

Пред 27 години БК „Бучим-Јака“ ја освои светската шампионска титула во борење-слободен стил.

„Македонија, Македонија, Македонија“, ечеше во Радовиш, од грлата на 6.000 публика во салата „25 Мај“ и уште толку пред салата! Се радуваше цела Македонија на успехот на борачите од БК „Бучим-Јака“ кои за прв пат се закитија со злато и станаа светски шампиони.

Овој македонски клупски успех остана неповторлив до ден-денес, со надеж дека една нова генерација млади борачи ќе се искачат повторно на врвот на светскиот спорт и ќе ни приредат таква радост како што чувствуваше македонскиот народ во 1996 година. Пред македонските борачи паднаа на колена најпознатите светски клубови – шампионите во борење-слободен стил од Азија, Америка и Африка.

„Нема големи и мали држави, големи и мали народи, туку само луѓе со големо и мало срце, а тоа најдобро го демонстрираа Македонија и борачите со големо срце во 1996 година. Покажавме дека Македонија не е мала држава и гостопримливо ги дочека шампионите од САД –Борачкиот клуб „Дејвид Шулц“, БК „Нихон“ од Јапонија, БК „Риверс“ од Нигерија, Африка. На овој светски успех се радуваме и после 27 години, затоа што со освојувањето на оваа прва светска клупска шампионска титула ја афирмиравме македонската држава во целиот свет, како рамноправна, самостојна држава во светското семејство. Освојувањето на шампионската титула за спортските менаџери, за сите љубители на спортот беше многу повеќе од спорт, во тие први години од осамостојувањето беше потврдување на македонската нација. Затоа и мојата порака до младите е да бидат „борци“ и да ни донесат нови успеси на кои ќе се радува цела држава“, вели проф.д-р Ванчо Чифлиганец, главната локомотива на овој голем светски успех на македонските борачи во 1996 година, постигнат во Радовиш-Македонија.

Фото: БК Бучим

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО

IPON