Нашиот најдобар каратист Емил Павлов, единствениот каратист учесник на Европските игри од нашата земја, на 30 јуни ќе се бори во А групата со Фирдовси Фарзалијев (Азербејџан), Анџело Крешенчо (Италија) и Илија Булатау (Белорусија).
На Емил му се потребни најмалку две победи, за да обезбеди најмалку бронзен медал, а потоа да се избори и за финале на Европските игри.
Павлов на минатите игри во Баку – Азербејџан во 2015 година го освои бронзениот медал. Тогаш Македонија освои две бронзи, а втората беше, исто така за каратист, тоа беше Марин Несторовски.
Павлов е нашиот најголем адут за медал на овие Игри.
Во Б групата се Евгени Плахутин (Украина), Калвис Калинс (Литванија), Богдан Гоголоси (Романија) и Ерај Садман (Турција).