Александар Поветкин утре во Гибралтар го брани привремениот појас на ВБЦ во тешка категорија против Дилиен Вајт. Тоа е нивна реванш пресметка откако рускиот боксер го победи Британецот со технички нокаут во петтата рунда на 22 август минатата година. Првото соочување го направија вчера.
„Ја заборавив последната борба. Дилиен дефинитивно ќе биде подобар за возвратниот меч и треба да бидам претпазлив“, рече Александар Поветкин и истакна дека нема да бара нокаут:
„Тоа не е мојата цел, сакам да се држам до тактиката“.
Вајт истакна дека и двајцата боксирале одлично на првиот меч, а тој е среќен што Поветкин се согласи за реванш.
„Тоа е најважната борба во мојата кариера. Знам што значи да се вратиш, имав подеми и падови во текот на мојата кариера, но постојано напредувам“, истакна Дилиен и заклучи:
„Поветкин е добар борец, а јас мразам да губам. Сакам да ја подмирам сметката“.