Повеќе од два милиони прегледи за помалку од два дена: УФЦ објави снимка од борба што очигледно сите сакаат да ја видат (ВИДЕО)

Не сметајќи ги видео компилациите кои содржат повеќе натпревари, УФЦ објави снимка од шест одделни мечеви во последните десет дена. Класиките како мечот меѓу Еди Алварез и Џастин Гејџи (490 илјади прегледи) и судирот меѓу Жорж Сент-Пјер и Карлос Кондит (223 илјади прегледи) привлекоа добар интерес кај нивните фанови, но тие се далеку од милионските бројки на Јутјуб.

УФЦ ги објави и борбите во кои настапуваа Аманда Рибас (против Луана Пинеиро) и Мекензи Дерн (против Лупи Годинез), бидејќи ова се борците кои ќе го предводат настанот на УФЦ овој викенд. Тие два меча заедно не собрале 100.000 прегледи, барем не уште. Пресметката Ислам Махачев – Дастин Пориер собра 548.000 прегледи за нешто помалку од 24 часа, но една борба привлече особен интерес кај обожавателите. За нешто помалку од два дена, овој меч собра 2,3 милиони прегледи, што е навистина импресивна бројка.

Се работи за првата пресметка меѓу Ислам Махачев и Арман Царукјан. Овие двајца борци наскоро (18 јануари) ќе се борат за појасот на УФЦ во лесна категорија, а тоа е всушност реванш. Махачев го победи Арман Царукјан во април 2019 година, но мечот целосно ги надмина очекувањата.

Тогашниот 22-годишен Арман всушност дебитираше во УФЦ, беше голем аутсајдер, но му пружи огромен отпор на Махачев. Ерменецот е првиот борец кој го собори Ислам Махачев во кафезот на УФЦ, одлично се бореше, но сепак беше поразен со едногласна одлука (30-27 х2, 29-28).

Освен што многумина сакаат да го паметат тој меч бидејќи наскоро доаѓа реваншот, причина за големата гледаност е и атрактивноста на тој судир. Ислам и Арман приредија вистинско граплинг уживање таа вечер во Санкт Петербург и ова е меч кој секогаш вреди да се гледа.

Видеото е под текстот, уживајте!

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО