Поранешен шампион верува дека мечот меѓу Џошуа и Дубоа брзо ќе заврши: Застрашувачки е колку е силен

Ентони Џошуа изгледаше застрашувачки на тренинзите пред неговиот меч за светската титула во тешка категорија на ИБФ против Даниел Дубоа.

Тоа беше мислењето на поранешниот светски шампион во средна категорија, Били Џо Сандерс, кој внимателно го следеше тренингот на Џошуа пред неговата пресметка на 21 септември против Дубоа.

По четири победи Еј Џеј ќе се обиде по трет пат да стане светски шампион пред полниот стадион Вембли. Британецот во реваншот пред две години вторпат загуби од Александр Усик.

Сандерс тврди дека Џошуа не бил толку моќен во кариерата како сега, што Дубоа навистина ќе го почувствува.

„Неодамна гледав како Еј Џеј тренира во кампот на Бен Дејвисон, одвреме-навреме застанувам да видам што прави“, рече Били Џо Сандерс, а потоа продолжи:

„Гледајќи го Ентони, ми се чини дека има нов жар, како да е прероден. Тој ќе биде многу опасен противник за секој во тешка категорија“.

Британскиот боксер верува дека мечот меѓу Еј Џеј и Дубоа ќе заврши пред финалниот удар во гонгот.

„Видов одблиску како Еј Џеј удира со десната рака, страшно е. Има силно влијание, како некој да вози автомобил во ѕид со 160 км/ч. Страшно колку е силен. Со огромна сила ги удира фокусерите и мислам дека некој ќе заврши во нокаут“, истакна Били Џо Сандерс и додаде:

„Тој меч нема да трае долго, некој дефинитивно ќе биде нокаутиран. Со сета почит кон Дубоа, тој е опасен тип, но прави грешки и не е тежок борец. Силен е и може да погоди, но многу греши“.

Промоторот на Џошуа, Еди Херн, очекува Џошуа ќе пука од сите оружја против Дубоа.

„Чувствувам дека Еј Џеј повеќе не се плаши од пораз. По поразите од Енди Руиз и Усик, повеќе не сака да ја вкуси горчината на поразот. Знаете колку боли“, рече Еди Херн, и подвлече:

„Тоа е опасна борба и ќе биде многу интересно да се види дали Дубоа ќе може да се справи со притисокот. Сите знаеме како боксираше против Усик во Полска. Верувам дека сега неговите колена ќе се потклекнат. Мора да бидете ментално многу силни за ваков меч“.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО