Почина танзански боксер кој три дена се бореше за живот: Му пресуди страшен нокаут

Танзанискиот боксер Хасан Мгаја почина на 29-годишна возраст, три дена по тешкиот праз со нокаут во борбата против сонародникот Пол Елијас. Оваа трагедија се случи на 27 декември во салата Дунија Ндого во главниот град на Танзанија, Дар-Ес-Салам.

Откако во петтата рунда доби серија тешки удари во главата, Мгаја колабираше во рингот. Според извештаите на локалните медиуми, тој го гризнал јазикот при падот, што предизвикало дополнителни компликации. Веднаш по борбата, тој итно бил префрлен во болницата Палестина во Синза, а потоа префрлен во болницата Мванјамала. За жал, и покрај напорите на лекарите, Мгаја почина на 30 декември.

ВБЦ изрази сочувство до неговото семејство и пријателите. Во соопштението на ВБЦ се вели: „Танзанискиот професионален боксер Хасан Мгаја почина на 30 декември 2024 година како резултат на повреди здобиени за време на нокаут три дена претходно. Целото семејство на ВБЦ и претседателот Маурицио Сулејман упатуваат најдлабоко сочувство до неговото семејство и пријателите. Почивај во мир, наш сакан шампионе“.

Слична порака испрати и секретарот на боксерската комисија на Танзанија, Нсаџигва Мвангамило, кој рече: „Нашето најдлабоко сочувство изразуваме до семејството и сите боксерски чинители во земјата за загубата на Хасан Мгаја. Ова е голема загуба за нашиот спорт“.

Мгаја зад себе остави професионален скор од три победи, четири порази и две нерешени борби. Борбата против Елијас беше негов втор пораз со нокаут во кариерата. Неговиот противник Пол Елијас е исто така Танзаниец, а борбата меѓу двајцата требаше да биде локален спектакл.

За жал, ова не е прв ваков случај во Танзанија. Само еден месец претходно, боксерот Абаси Мселем загина откако беше нокаутиран во борбата против Бакари Х. Бакари во Занзибар. Мселем имаше само 22 години, што дополнително ја шокираше боксерската заедница.

Оваа трагедија доаѓа во време кога боксот се соочува со големи предизвици во однос на безбедноста на борците. Во последните денови од 2024 година, светот на боксот го загуби и Порториканецот Пауло Бамба, 35-годишниот шампион кој почина само шест дена по освојувањето на титулата ВБА златна во полутешка категорија.

Смртта на Мгаја и низата слични трагедии во последните месеци потсетуваат на опасностите кои го придружуваат овој спорт. Додека боксерите влегуваат во рингот за да се борат за слава и победа, ризиците што ги преземаат понекогаш имаат страшни последици. Ова е уште еден повик до боксерските организации и промотори да вложат дополнителни напори за подобрување на безбедноста на борците.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО