Петар Заборски (-75 кг) од КК Макпетрол вчера го освои златниот медал Светскиот куп за младинци во Умаг, Хрватска, во помлади сениори или У-21, по победата во финалето со 4-2 над Италијанецот Лоренцо Пијетромарчи.
„За ова финале бев посебно мотивиран, Јас во 2015 година во Цирих, Швајцарија, на Европското првенство за јуниори, исто како и сега, влегов во финалето и имав противник од Италија. Тогаш главниот судија ми беше од Швајцарија и цело време го водеше мечот некако сомнително, за на крај да ме дисфалификува. Паметам дека сите новинари и целата публика негодуваа. Се чудеа како може една финална борба да заврши со дисфалификација поради 4 (четири) измислени контакт удари. Затоа, сега решив по секоја цена да се реванширам токму на тој момент. Успеав во тоа и затоа сум многу среќен“, изјави Петар Заборски по финалето.
Да потсетиме дека Заборски до финалето забележа четири победи и тоа против Никлас Веимер од Шведска 4-0, Марк Саликру од Шпанија 5-0, Патрик Ривест Николас од Канада 8-0 и во полуфиналето Камил Салаев од Русија 3-2.
На Светскиот младински куп во Умаг учествуваа 2000 каратисти од 70 држави.
Според она што го најави ВКФ, место за младинските Олимписки игри во Буенос Аирес-Аргентина во 2018 година обезбедува секој што ќе освои медал, така што Петар Заборски ја доби олимписката виза. Инаку Заборски беше единствениот македонски каратист што освои медал на Европското првенство за кадети, јуниори и У-21 за 2017 година во Софија Бурарија, во истата конкуренција и категорија.
„Овогодишниот Светски куп кој се одржа во Умаг е единствен во светски рамки за оваа возрасна категорија и затоа е највисоко рангиран од страна на Светската карате федерација (ВКФ). Овој Светски куп е критериумски за обезбедување на виза за претстојните Оимписки игри во Буенос Аирес – Аргентина. Затоа и масовноста и квалитетот оваа година беше на највисоко ниво. Сакам да потенцирам дека сум многу задоволен од настапот на Петар Заборски. Минатата година Петар Заборски, исто така беше во финалето, но тогаш беше вицешампион, загуби во борбата за златниот медал. Еве, сега успеа да се качи на победничкиот пиедестал, и со тоа потврди дека во моментов е највисоко рангиран во својата возрасна и тежинска категорија“, изјави тренерот на Макпетрол, Бошко Заборски.
Ipon.mk/В.Д.