Боксерите на Пинк Пантер во второто коло на Регионалната боксерска лига утре во Бјелина (БиХ) се среќаваат со Радник и се оптимисти.
„Очекувам дека ќе ја забележам втора победа во Регионалната лига. Моја желба е во оваа лига да останам непоразен“,вели Гоце Јанески.
„На видео снимка ја гледав борбата на мојот противник во Ваљево. Ги видов и добрите и лоши страни на домаќинот. Верувам дека можам да ги освојам првите бодови во Регионалната лига“, посочува Александар Ристевски.
Во екипата по долго време се враќа капитенот Димитар Ташков.
„По подолга пауза поради повреда и јас ќе се појавам во рингот. Сметам дека мојата задача ќе биде тешка, бидејќи за противик имам квалитетен боксер, кој не знае за пораз во БиХ. Ќе сторам се да се претставам во најдобро светло“, истакна Ташков кој ќе настапи во апсолутна категорија плус 91 килограм.
Од една страна е добро што Ташков се враќа во екипата, а од друга страна во Бјелина нема да настапи победникот од првото коло Александар Димовски – Димса.
„Се е во најдобар ред со екипата. Очекуваме добар прием во Бјелина. Ни се јавуваа домаќините и се интересираа кога ќе пристигнеме. Ни ветија гостопримство. Веројатно и тие слушнале за нашето гостопримство во првата средба кога во Штип гостуваше Војводина. Добриот глас далеку се слуша. Интересно е дека е договорено сите екипи кога ќе гостуваат сместувањето да биде на товар на домаќинот. И обратно. Средбите од Регионалната лига е добра можност и сите клубови меѓу себе да се зближиме, да размениме мислења. Благородната вештина ќе придонесе и за соработка меѓу градовите и државите“, вели претседателот на Пинк Пантер, Илија Младеновски.
Ipon.mk/К.М.-В.Д.