Aлександaр Усик е заинтересиран само за реваншите против Тајсон Фјури и Ентони Џошуа

Во средината на мај Александар Усик ја забележа најголемата победа во кариерата, победувајќи го Тајсон Фјури со поделена одлука и стана неприкосновен шампион во тешка категорија.

Тоа беше прв пат по 1999 година и триумфот на Ленокс Луис некој да ги обедини светските титули во кралската дивизија.

Реваншот меѓу Усик и Фјури ќе се одржи на 21 декември, но нема да бидат заложени сите шампионски појаси, бидејќи Украинецот неодамна ја ослободи титулата на ИБФ.

Даниел Дубоа на 21 септември ќе го брани појасот на ИБФ против Ентони Џошуа на Вембли, а победникот најверојатно ќе добие меч против подобриот од борбата Усик-Фујри.

А во едно неодамнешно интервју, украинскиот борец Александар Усик призна дека веќе нема многу цели и дека единственото нешто што го интересира се реваншите против Тајсон Фјури и Ентони Џошуа.

„Реванш со Фјури и можеби трета борба со Џошуа, тоа е се што ме интересира во моментов. Ме интересираат само тие двајца момци, а другите нека тренираат и работат… Немам желба да боксирам против никој друг освен Тајсон Фјури и Ентони Џошуа“, изјави Александар Усик.

Непоразениот Украинец сака да го задржи рекордот на победи-порази на нула, но знае дека само натпреварите против Фјури и Џошуа му гарантираат добра заработка.

„Еј Џеј сака да го победи Усик. Двапати загуби против него и сега сака да му врати. По вториот пораз беше многу разочаран и му требаше малку време да се опорави. Но, сега ја врати самодовербата и повторно е подготвен за големи битки“, рече промоторот на Џошуа, Еди Херн и продолжи:

„Во вториот меч тесно загуби од Усик, но покажа дека е многу посебен тип спортист. Не му требаат пари, доста му е. Сака да победи… Ентони Џошуа нема да спие додека не ги обедини светските титули“.

Поразот на Кралот на Ромите против Усик беше прв во неговата кариера, што значи дека нема да му недостига мотивација.

Фјури покажа дека може да биде најдобар кога не е фаворит, како на мечевите против Дионтеј Вајлдер и Владимир Кличко. Усик мора да го има на ум тоа.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО