Британскиот боксер Даниел Дубоа можеби го пропушти најголемиот хонорар во кариерата против Џозеф Паркер, но неговиот тренер Дон Чарлс инсистира дека тоа била единствената правилна одлука откако се разболел.
Имено, шампионот на ИБФ во тешка категорија требаше да ја брани титулата против Новозеландецот минатиот месец на настанот Последното Крешчендо во Ријад, но поради болест го откажа настапот.
Дубоа се повлече од мечот два дена пред настанот, а наместо него влезе Мартин Баколе. Паркер со ТКО во втората рунда го победи Конгоанецот.
Многумина ја критикуваа одлуката на Дубоа, сомневајќи се дека тоа го направи само за да го задржи појасот и да добие меч за апсолутен шампион против Александар Усик.
Неговиот тренер Дон Чарлс повторува дека тоа бил правилен потег, а Даниел пропуштил да го заработи најголемиот хонорар во кариерата.
„По препорака на докторот решивме да го повлечеме Даниел од таа борба. Борец живее за да се бори уште еден ден“, рече Дон Чарлс и додаде:
„Знам дека ја направивме вистинската работа. Понекогаш треба да ги спасите борците од самите себе. Даниел сакаше да се бори. Тие се гладијатори и сакаат да се борат. Таков човек не смее да влезе во рингот, а особено не во борбата за титулата. Мило ми е што беше решено така“.
Сè уште се слушаат критики за Дубоа.
„Ме лути кога слушам некои коментари. Секогаш повторувам: ние не сме во мачо бизнисот, нашите потези мора да бидат паметни, а и овој последниот беше таков“, рече Дон Чарлс и продолжува:
„Потсетувам дека тоа требаше да биде најголемата исплата за Даниел Дубоа во неговата кариера. Три и пол месеци напорни подготовки и потрошени пари само за да отидам во Ријад и потоа да се откажам од борбата 48 часа пред настанот. Чинеше пари и на крајот изгуби се. Затоа е тешко да се слуша кога некој вели дека го направил тоа само за да избегне борба. Нема логика“.
Се чинеше дека Даниел Дубоа може да побара борба против Александар Усик за титулата апсолутен шампион во тешка категорија, но неодамна на Украинецот му беше наредено да го брани појасот на ВБО против Џозеф Паркер.