Од летото 2021 година Конор Мек Грегор не сме го виделе во кафез, а ни блиску до него. Во таа прилика, веќе во првата рунда беше поразен од Дастин Пориер кога заработи скршеница на ногата, а и претходно, половина година пред тоа, загуби меч од Пориер.
Мек Грегор требаше да се бори со Мајкл Чендлер по „ТУФ“ и по месеци и месеци чекање, Чендлер сфати дека нема ништо во таа приказна и самиот продолжи понатаму. За оние кои тогаш веќе не знаеја дека Конор повеќе нема да го видиме во кафез, можеби ќе им стане појасно по вчерашната изјава што ја даде на прес-конференцијата на БКФЦ.
„Моето срце крвари за мојата земја во моментов… Задоволен сум со сето она што го направив во кариерата. Нешто друго е поважно кај мене во моментов. Моето враќање ќе биде најголемото во историјата, така што мора да биде точно. Во моментов, само Ирска ми е на ум“, изјави Мек Грегор.
Инаку, Мек Грегор планира да се кандидира на претседателските избори во ноември годинава, па сигурно нема да го видиме во кафез ниту во 2025 година. Годинава наполни 37 години и неговото враќање во кафезот веќе звучи како научна фантастика, па дури и да почне да се подготвува после се, прашање е како сепак неговото тело би се справило со тежок камп.
Изгледа дека неговите боречки вештини се зад него, барем што се однесува до улогата на борец. Неодамна стана косопственик на БКФЦ и сигурно ќе се профилира како промотер во иднина, а ќе видиме до кога тоа ќе трае.