Ништо од реваншот меѓу Даниел Дубоа и Ентони Џошуа во февруари?

Реваншот меѓу шампионот на ИБФ Даниел Дубоа и Ентони Џошуа, кој потенцијално беше најавен за февруари, може да биде одложен, бидејќи промоторот Еди Херн истакнува дека некои работи се случуваат пребрзо.

Во септември на преполниот Вембли Дубоа го нокаутира Еј Џеј во петтата рунда и го одбрани појасот на шампионот на ИБФ во тешка категорија, а поранешниот двократен шампион веднаш спомна реванш.

„Ако Еј Џеј сака реванш, може веднаш да го добие“, изјави промоторот на Дубоа, Френк Ворен, но се сомнева дека тимот на Џошуа на крајот ќе го прифати тоа:

„Даниел е шампион и ќе биде според неговите услови. Титулата ќе ја брани во февруари. Ако не е Џошуа, тогаш тоа ќе биде некој кој е рангиран во првите пет боксери на ранг-листата“.

Затоа што подоцна во годината Дубоа би можел да ги сврти своите мисли кон борба за апсолутен светски шампион.

Посебно со нетрпение би го очекувал мечот против Александар Усик, кој има реванш со Тајсон Фјури на 21 декември.

„Каков одличен реванш би бил тоа. Сака меч против Усик“, изјави Френк Ворен.

И промоторот на Џошуа, Еди Херн, откри дека Еј Џеј сака реванш против Дубоа, но прашање е дали може да биде подготвен до февруари.

„Времето е нашата единствена грижа. Многу работи се случија во изминатите недели. Џошуа извесно време не можеше да влезе во рингот. Ако сака да се бори со Даниел во февруари, тогаш треба да започне тренинг камп за три недели. А тоа е веќе тука“, рече Еди Херн и додаде:

„Идеално би било да се врати во мај. Чувствувам дека сè се случува доста брзо. Мислам дека на Еј Џеј му треба уште малку време за физичко опоравување. Но, понекогаш не е идеално, па почнувате одново. Мораме да процениме дали е можно добро да се подготвиме во тој период. Џошуа ми рече: „Сакам реванш“. Но прашање е дали ќе биде подготвен за февруари. Треба да разговараме, па ќе одлучиме“.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО