Викендов во Беверен, Белгија, се одржува Европскиот џиу џицу куп на кој Македонија ќе учествува со двајца натпреварувачи.
Боите на Македонија ќе ги бранат Данил Николиски (У-21, -56 кг) од Осенсеи од Штип и Антонио Стојчески (У-18, -69 кг) од Дан кју – Скопје.
„Во категоријата нај Данил има 9 натпреварувачи, а кај Антонио 11. Со оглед на тоа дека ова е ранкинг-турнир, секоја победа ќе биде добредојдена за што повисок пласман и место на Светската ранг-листа. За само еден месец не очекуваат уште два турнира и тоа Меѓународниот турнир во Марибор, Словенија (01-03.03) и Европското првенство за кадети во Ларнака, Кипар (21-23.03)“, вели селекторот Александар Ацевски и додава:
„Најпрво да го поминеме Европскиот куп во Белгија, а потоа ќе размислуваме за останатите два турнира. Нашите борци се во одлична кондиција и форма и очекуваме добар настап, добри борби, па зошто да не и пиедестал“.
На Европскиот куп учествуваат 329 натпреварувачи со 332 влезови од 41 тим од 16 држави.