Камерунскиот удирач Френсис Нгану следниот викенд за прв пат го брани појасот во тешка категорија на УФЦ 270.
Предаторот ја освои титулата во март минатата година со нокаут против Стипе Миочиќ во нивната втора борба.
Нгану ја брани титулата против поранешниот клупски колега Сирил Гане. Непоразениот Французин кој за привремената титула во август го победи Дерик Луис, го тренира Фернанд Лопез, поранешен тренер на Френсис.
Нгану и Лопез ја прекинаа соработката на не баш убав начин, а тоа се случи по поразите од Миочиќ и Луис во првата половина од 2018 година. Ова се единствените порази на Камерунецот во кариерата.
Нгану призна дека поразот во првиот обид да му го одземе шампионскиот појас на Стипе Миочиќ оставил трага на неговото ментално здравје, што се виде шест месеци подоцна во следната борба против Дерик Луис.
„Бев психички скршен и почнав да посетувам психијатар. Ако ги погледнете нејзините белешки, смешно е што дури и тогаш таа го посочи Фернандо како проблем на кој треба да внимавам. Мислев дека е луда, но почна се да анализира и сфатив дека е во право“, изјави неодамна Френсис Нгану.
Тој објасни како се манифестирале овие психички проблеми, наведувајќи го како пример мечот против Дерик Луис, кој загуби со едногласна одлука на судиите.
„Цело време се убедував себеси дека не брзам, дека имам уште време. Се колнам, на крајот од борбата мислев дека се уште сме во втората рунда. Како воопшто да не бев присутен, се чувствував како уште да се борам со Миочиќ во главата. Си реков дека имам време, а потоа наеднаш борбата заврши“, истакна Френсис Нгану.
По поразот од Луис ја раскина соработката со Лопез и се пресели во САД. Со нокаут стигна до пет убедливи победи, а следниот викенд за првпат го одбрани шампионскиот појас.