Наградта „13 Ноември“ ќе ја добијат каратистите Мартин Несторовски и Дејан Недев и кикбосерот Ненад Манојловски, Мирче Јанушевски (Металург) најдобар тренер, а меѓу наградените се Војо Настевски, Дејан Митровски-Урко, Димче Јанковски и Мирко Ристовски. Свеченото доделување ќе се одржи в четврток, во 12 часот, во Конгресниот центар на спортската сала „Јане Сандански”.
Комисијата за доделување на наградата „13 Ноември“, што секоја година по повод Денот на ослободувањето на главниот град ја доделува Сојузот на спортови на Скопје, ги објави имињата на годинашните добитници. Тројца спортисти од боречките спортови се носители на почестите, како и машкиот ракометен клуб Вардар и неговиот тренер Раул Гонзалес, претседателот на Македонскиот олимписки комитет, д-р Васил Тупурковски и други.
Каратистите Мартин Несторовски и Дејан Недев, како и кик-боксерот Ненад Манојловски, се најдобрите спортисти на Скопје за 2015 година во избор на Комисијата што ја предводи поранешниот селектор во пливање, професорот д-р Димитрија Поповски. Несторовски има две бронзи – од ЕП во Истанбул и од Европските игри во Баку, а Недев и Манојловски станаа светски прваци во своите категории – фукуго (традиционално карате) и кик-лајт (кик-бокс).
Најдобри тренери во Скопје годинава се кормиларот на РК Вардар, Раул Гонзалес, како и тренерот на Несторовски, Мирче Јанушевски од КК Металург. За најдобар клуб е прогласен машкиот тим на РК Вардар.
Во категоријата спортски работник – општественик, признание ќе добие претседателот на Македонскиот олимписки комитет, д-р Васил Тупурковски, а оваа награда за животно дело ќе ја добијат и Стефан Вортик Кналијан (планинарство), претседатлот на Боксерската федерација, д-р Војо Настевски, и Трифун Трифуновски, долгогодишен одбојкарски активист.
Како најдобри спортски работници на годината плакета ќе добијат и Димче Јанковски од карате клубот Аеродром, Павле Павлов (гимнастика и мотоциклизам) и Дејан Митровски – Урко (кик-бокс). За работа со млади категории ќе бидат наградени Мирко Ристовски (боксерски клуб Аперкат), Ангел Наумовски (гимнастика) и професорите по физичко воспитување Раде Илиевски и Горки Кондовски. Признание ќе добие, како спонзор, и компанијата „Пелистерка“, а куриозитет е и фактот што Сојузот самиот себеси ќе си додели признание поради јубилејот – седум децении постоење.