Ненад Манојловски (-69 кг, кик лајт) го совлада Сачин Шармин од Велика Британија со 3-0 на Светското првенство во кик бокс за сениори во Белград, Србија. Манојловски во категоријата до 69 килограми во кик лајт со оваа победа се пласира во полуфиналето на СП со што си обезбеди најмалку бронзен медал.
Ненад Манојловски утре во полуфиналето против Шпанецот Рубен Сендин Онига ќе се обиде да дојде во финалето и борба за златниот медал.
Тоа е третиот сигурен медал за Македонија откако вчера го направија тоа Димитар Георгиев (-74 кг, кик лајт), кој, патем ја брани светската титула, и Стефани Тодорова (-60 кг, кик лајт). Бронзите може да станат и сребра и злата, ако некој од нив се пласира во финалето.
Резултати од денешните борби на нашите репрезентативци:
Александар Димовски (+91 кг, лоу кик) – Ричард Јакоб (Бразил) 0-3
Александар Најдовски (-86 кг, лоу кик) – Лука Симиќ (Хрватска) 1-2
Ненад Манојловски (-69 кг, кик лајт) – Сачин Шармин (Велика Британија) 3-0
Милан Кубин (-91 кг) – Матеус Јеречек од Полска 1-2
Кристина Стојчевска (-60 кг) – Иленија Ничеле (Италија) 0-3.
Утре, во полуфиналето ќе настапат Стефани Тодорова (кик-лајт) против Николе Перона од Италија во категоријата до 60 кг и Димитар Ѓорѓиев (кик-лајт, до 74 кг) кој ќе се бори против Марјан Болхар од Словенија.
На Светското првенство учествуваат 669 натпреварувачи од 52 земји од пет континенти, Македонија настапува со 13 натпреварувачи.
Ipon.mk/В.Д.