Градот Макон во Франција е домаќин на Светското првенство во борење за јуниори, кое ќе заврши во недела. И на ова првенство македонските борачи останаа дома, иако беа пријавени.
За Франција не отпатуваа Елмедин Сејфулаху, Армин Идризи, Адил Адили и Рамадан Мустафовски, поради немање на пари.
„Поради настаната ситуација со оставката на претседателот Ванчо Чифлиганец, Федерацијата за боречки спортови на Македонија (ФБСМ) немаше средства за учество на јуниорите на СП во Франција, ова и го соопштивме и на клубовите чии борачи требаше да патуваат на ова првенство. Им предложивме ако имаат пари дека може да настапат на СП“, вели секретарот на ФБСМ, Љупчо Лазаревски.
Очигледно е дека и клубовите немале пари или, пак, не скале да ги трошат за јуниорите.
Да потсетиме дека и кадетитет не патуваат на Европското првенство во Стокхолм, Шведска, од 19 до 24 јули. Така, Столе Ефтимов, Минир Реџепи и Фати Вејсели си останаа дома од истата причина – немање пари. Само клубот на Рамзан Гаџиханов ги плати трошоците за својот борач, односно БК Вардар.
Ipon.mk/В.Д.