На Усик не му пречи „непочитувањето“ на Фјури: Мене тоа не ми е важно, тоа е спорт

Светскиот шампион во тешка категорија Александар Усик се осврна на одличната 2024 година, истакнувајќи дека нема проблем со недостатокот на почит од Тајсон Фјури, кого двапати го победи.

Непоразениот Украинец во средината на мај со поделена одлука го совлада Кинг Џипси во мечот за апсолутен шампион, а половина година подоцна во реваншот беше уште поубедлив.

Усик го победи Фјури со едногласна одлука во втората борба, бранејќи ги титулите во тешка категорија во ВБЦ, ВБО и ВБА.

„Беше одлично да се бориш 24 рунди против Тајсон Фјури, но и тешко. Подобро се подготвив за втората борба. Бев целосно посветен на тренинзите и долго време не сум се видел ниту сопругата, ниту семејството“, изјави Александар Усик и додаде:

„Само што тренирав, тренирав, тренирав… Често се прашував: „Што правам?“ Семејството ме мотивира, семејството ми помага. Мојата сопруга има голема доверба во мене и е мојот најголем поддржувач цело време. Пред десет години го повредив коленото и мислев дека мојата кариера е завршена. А жена ми рече дека сум луд и дека тоа не е можно“.

„Џипси Кинг“ тешко го прифати поразот во втората борба, за која вели дека судиите му го ограбиле, а десетина дена подоцна најави повлекување. Усик добро го познава ликот на својот поранешен противник.

„Не ми е важно, тоа е спорт. Негов проблем е ако се чувствува како некој да го ограбил. Го почитувам противникот и мирен сум околу тоа“, изјави шампионот.

Украинскиот борец пред неколку дена изјави дека ќе биде активен уште две години, а следен противник би можел да му биде победникот од мечот меѓу Даниел Дубоа и Џозеф Паркер.

Дубоа ќе го брани појасот на ИБФ во тешка категорија против големиот Новозеландец на 22 февруари на настан во Ријад.

„Сега ја чекам борбата меѓу Дубоа и Паркер, па ќе видиме. Следен противник би можел да биде победникот од тој меч“, истакна Александар Усик.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО