Британскиот тешкаш Даниел Дубоа ја освои привремената титула на ИБФ во тешка категорија пред десет месеци со победата над Филип Хрговиќ.
Тој беше промовиран во шампион неколку недели подоцна, откако Александар Усик ја ослободи титулата за да договори реванш со Тајсон Фјури.
Дубоа во септември на преполниот Вембли го одбрани појасот на ИБФ со нокаут во петтата рунда над поранешниот двократен шампион Ентони Џошуа.
Следната одрбрана требаше да ја има во февруари годинава против Џозеф Паркер, но се повлече од борбата само два дена пред настанот поради болест.
Во последните недели се повеќе се зборува за нов меч за обединување на титулата во тешка категорија меѓу Дубоа и Усик, но сега е објавено дека ИБФ му наредил на Даниел да ја брани титулата против задолжителниот предизвикувач Дерек Чисора.
Неодамна боксерскиот ветеран најави потенцијална борба за титулата во ИБФ, но малкумина поверуваа во неговата изјава.
„Гарантирам дека борбата со Даниел Дубоа ќе се одржи на Вембли“, изјави неодамна Дерек Чисора за Скај спорт бокс.
Чисора нагласува дека ова ќе биде последна борба во неговата кариера, бидејќи сака да стигне до бројката 50, а потоа да се пензионира. Дерек има три победи во низа против Џералд Вашингтон, Џо Џојс и во февруари го победи Ото Валин.
Новинарот Ден Рафаел на социјалните мрежи објави дека ИБФ ја наредила борбата, а нивните тимови добиле 30 дена да преговараат и да се договорат за борбата.
Сепак, Дубоа би можел да добие исклучок доколку наскоро се договори меч за обединување на титулата против Усик, што сепак е план и желба на љубителите на боксот. Борбата треба да се одржи во јули на Вембли.
NEWS: IBF Wednesday ordered heavyweight titlist Daniel Dubois to next face mandatory Derek Chisora. 30 days (until May 22) to make deal or purse bid will be ordered. Until it's ordered, Dubois can still get an exception for unification with Usyk that remains in the works. #boxing
— Dan Rafael (@DanRafael1) April 23, 2025