Мујо Бајровиќ: Без Регионалната лига немаме шанси за успех, посебно на ОИ во Токио 2020 (ФОТО)

Мице со ученикот Мујо Бајровиќ

Леѓендарниот боксер на поранешна Југославија и сегашен генерален секретар на Регионалната боксерска лига (РБЛ), Мујо Бајровиќ, е во Скопје за да го следи „Златниот гонг“ на кој ќе настапат многу боксери кои настапуваат во Лигата.

Според она што беше прикажано во Лигата, го прашавме Бајровиќ дали таа ги оправда очекувањата.

„Видов напредок по неколку месечно функционирање на РБЛ. Добро туркаме и ќе нагласам дека без неа, како регион, немаме шанси за напредок и успех, односно да обезбедиме места на Олимписките игри во Токио 2020, а и да освоиме некои медали“, вели Бајровиќ.

Тој се нафатил на оваа работа затоа што верува во проектот и што во државите од поранешна Југославија има талентирани боксери.

„Верувам и сакам ред и судиите да судат без предрасуди, во што мислам и дека успеавме“,  категоричен е Бајровиќ.

За мечот меѓу репрезентацијата на РБЛ и Италија на 18 ноември во Подгорица, Црна Гора, истакнува дека е нешто добро што му се случува на боксот на овие простори. Мечот ќе го пренесува ТВ Арена спорт, а и неколку локални телевизии.

„Тоа пред се е пријателски меч, а какво е пријателството во рингот оценете сами. Имаме добри боксери во РБЛ, како во Босна и Херцеговина, Хрватска, Србија, Македонија. Тука сакам да го  посочам Гоце Јанески. Мечот ќе биде организиран на највисоко ниво и ќе биде вистински спектакл“, порачува Мујо Бајровиќ кого го врзуваат многу спомени за Македонија.

Инаку Гоце Јаески беше сигурен учесник на овој меч, но поради повредата нема да настапи. Сепак, РБЛ во поширокиот состав ги зема Алмир Нуришов и Денис Муаремовски.

Мујо Бајровиќ

Кариерата ја почнува во БК Скопје, а прв тренер му е Мирко Ристевски – Мице. Во Скопје дипломира на Филолошкиот факултет на групата за југословенска книжевност. Потоа и судбината го врзува за Македонка.

Мујо Бајровиќ е носител на два бронзени медали од Европските првенства во 1989 и 1991 година и на бронза од Светскиот куп во 1987 година. Тој е и повеќекратен првак на Југославија. Три пати е член на репрезентацијата на Европа.

Ipon.mk/В.Д.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО

IPON