Мозес Итаума: Не ми требаат борби кои траат една или две рунди

Дваесетгодишниот Мозес Итаума постигна брз напредок во двете години откако стана професионалец, а многу боксерски експерти веќе го гледаат на врвот во тешка категорија.

Даниел Дубоа требаше да ја брани титулата во тешка категорија на ИБФ против Џозеф Паркер во Саудиска Арабија минатиот месец, но се повлече поради болест само два дена пред настанот.

Раководството на боксерскиот проект Сезона во Ријад веднаш почна да го бара новиот противник на Паркер, а замена најде во Мартин Баколе.

Конгоанецот за само 48 часа го прелета половина свет и без никаква подготовка влезе во рингот.

Паркер брзо ја заврши работата, го совлада Баколе со технички нокаут во втората рунда.

А Мартин, покрај големата плата, доби и финален елиминатор на ИБФ против Нигериецот Ефе Ајагба. Борбата е закажана за мај.

Во едно неодамнешно интервју, Итаума (11-0, 9 КО) го изрази своето мислење за одлуката на Баколе да ја прифати борбата само два дена пред настанот.

„Да сум на местото на Баколе, не би го направил тоа. Не е фер, бидејќи доколку Баколе имаше целосен тренинг камп и тренираше за тој натпревар, можеби борбата ќе завршеше поинаку“, изјави Мозес Итаума и додаде:

„Секако, не го намалувам успехот на Џозеф Паркер. Тој е пеколен борец и очигледно мораше да има некаков план да го победи Баколе. Но Мартин пристигна како доцна замена. Паркер беше одличен и добро боксираше“.

На крајот на минатата година, младиот британски боксер со прекин во првата рунда го победи Австралиецот Демси МекКин (22-2, 14 КО). Наскоро треба да дознае нов противник.

„Не ми требаат борби кои траат една или две рунди. Сакам квалитетни натпревари за титулата против добро оценети борци, добри боксери. Сакам да оставам трага во овој спорт, некаков печат за да ме паметат луѓето“, подвлече Мозес Итаума.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО